Словенија: Полицијата води истрага за отровното писмо испратено до чешки министер

Словенечката полиција започна истрага во врска со писмото со смртоносен отров што од Словенија било испратено до чешкиот министер за финасии Андреј Бабиш, јавија словенечките медиуми, јавува МИА.

Истрагата е отворена oткако чешките власти ги контактирале своите словенечки колеги, бидејќи било утврдено дека писмото стигнало од Словенија, потврди портпаролот на словенечката полиција Драго Менгалија.

Тој изјави дека словенечката полиција разменила информации со чешките колеги за предметот, но засега одби да открие какви било други информации.

Бабиш прими писмо со отровна супстанца, откако неколку дена пред тоа и чешкиот министер за внатрешни работи Милан Хованец доби писмо со смртоносно количество на суспстанца слична на цијанид. Двете писма биле откриени, пред министрите да дојдат во допир со нив.