Словенија: Стотици куќи поплавени во поројните дождови

По поројните дождови што од вчера зафатија поголем дел од Словенија неколку стотици куќи беа поплавени во текот на минатата ноќ во централните и источните региони на земјата.

Како што пренесе МИА, најголем број куќи се поплавени во реонот на Церкница и во местото Иг во близина на Љубљана.

Словенечките медиуми јавија дека е регистирано и значително зголемување на нивото на водата во реката Драва и дека постои опасност за нејзино излевање од коритото на потегот од Марибор, па се до границата со Хрватска.

Претпладнево протокот на Драва на влезот од Австрија во Словенија изнесувал 1.700 метри кубни во секунда, но се очекува во текот на денот тој да порасне на 2.000 метри кубни, што е двојно повеќе во однос на вчера.

Според словенечката агенција за животна средина АРСО, продолжува да расте и водостојот на реката Сава во долниот тек близу границата со Хрватска.

Поради опасноста од нови полави околку 60.000 припадници на словенечката Цивилна заштита се ставени во состојба на зголемена готовност.