Злоупотреби, купување гласови, доведена во прашање разделеноста на државата и партијата

Вториот круг од Локалните избори беше конкурентен, а почитувањето на темелните слободи придонесе за спроведување на демократски избори, оцени амбасадорката Одри Гловер шефна мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Кампањата, според неа, била куса, при што партиите се бореле за поддршка и надвор од своите традиционални бази на поддржувачи иако повремено користеле агресивна реторика.

Имаше изолирани случаи на злоупотреба на административните ресурси и купување гласови, рече Гловер изнесувајќи ја првичната оценка за вчера одржаниот втор круг на локалните избори.

Амбасадорката Гловер рече дека поддршката што премиерот Зоран Заев ја дал на кандидатите за градоначалници не е спорна за нив, туку дека е проблематична неговата изјава дека ќе се погрижи да бидат поддржани проекти на некои од градоначалниците со што се доведува во прашање разделеноста на државата и партијата.

Посочувајќи дека прес-конференцијата се одржува по изјавите на претставници на главните опозициски партии дека нема да ги признаат изборните резултати, шефицата на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР Гловер рече дека доколку имало насилство на изборите партиите тоа треба да го пријават во полицијата, а доколку имало прекршување на Изборниот законик да поднесат соодветни претставки до надлежните институции.

Гловер кажа дека нивните набљудувачи не виделе насилство на овие избори, но дека сепак виделе купување на гласови, фотографирање на гласачки ливчиња и неколку случаи на семејно гласање.

„Што се однесува до насилството што се наведува немаме видено такво нешто, ниту, пак, знаеме каде се одвивало такво насилство, рече Гловер, додавајќи дека набуљудвачите на ОБСЕ/ОДИХР не се занимаваат со наводи, туку со факти“, посочи таа.

Според амбасадорката, медиумите обезбедиле балансирано покривање на учесниците на изборите, иако тоа било засенето со негативното рекламирање во кампањата.

Законската рамка, според амбасадорката Гловер, претставува солидна основа за спроведување демократски избори, иако повеќето одредби од Изборниот законик се применуваат на вториот круг законот не регулира јасно определени аспекти. ДИК ја зголемила транспарентноста на своето работење меѓу двата круга, но не испланирала соодветни дополнително обуки, едукација на гласачите и финансиска поддршка за општините чии буџетски сметки се блокирани. Избирачките одбори, сепак, генерално добро функционирале на изборите.

Една од забелешките на ОСБЕ/ОДИХР е тоа што законот не предвидува ажурирање на избирачките списоци меѓу двата круга што фактички ги лиши од можноста да го остварат своето право на глас гласачите што наполниле 18 години во овој период.

Финалиот извештај за Локалните избори во Република Македонија ќе биде објавен за два месеца.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.