Случај „Ќелија“: Седум години затвор за оџата од Чаир

Шестмината обвинети во случајот „Ќелија“ денеска ја слушнаа пресудата. Петмината обвинети добија по 5 години затвор, додека еден од обвинетите беше осуден на 7 години казна затвор.

Како што јавува Телма, првобвинетиот во случајот, оџата од Чаир, Мемиши Реџеп е осуден на најголема затворска казна за учество и организирање паравојска и регрутирање војници за борба во Сирија.

Останатите 5-мина биле дел од групата која учествувале во логистика и организирање на војниците за борба во Сирија, додека Судот ќе одлучува и за уште пет лица кои не признаваат вина.

За потсетување, антитерористичката акција „Ќелија“ се одвиваше во повеќе градови низ Македонија.

Во февруари годинава, Основното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против 11 лица за предметот познат под полициска акција „Келија“. Обвинетите се теретеа за „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.

Во полициската акција „Келија“ која беше спроведена на почетокот на август минатата година беа уапсени девет лица кои беа поврзани со регрутација и логистика за странски терористички организации, а во продолжението на истрагата беа уапсени уште две лица.