Случај Актор: Управата за финансиско разузнавање ги превзема сите мерки, процедури и дејствија

Во врска со случајот „Актор“ Управата за финансиско разузнавање информира дека навремено, уредно и согласно ингеренциите, ги има преземено сите мерки, активности, процедури и дејствија согласно законот.

По добиените првични сознанија, Управата за финансиско разузнавање на 11 ноември 2013 година има отворено предмет за испитување на случајот и утврдување на сите факти, како и евентуално утврдување на постоење на одговорност.

“По отворањето на предметот, согласно сите законски прописи и процедури се преземени првични дејствија и се побарани информации во врска со овој случај од соодветните финансиски институции, кои се со надлежност и делокруг на постапување за ваков тип на предмети во државата. По сите законски процедури и спроведени постапки, по спроведените анализи кои што беа темелни и сеопфатни, се известени и државните институции, кои имаат врска со овој вид на проблематика. Во целиот овој изминат период се вршат проверки и соодветни дејствија за обезбедување на факти, докази и аргументи кои се од битно значење за понатамошното одвивање на целата постапка, која сеуште трае, а за чиј епилог јавноста ќе биде соодветно информирана“, појануваат од Управата за финансиско разузнавање.

Од таму појануваат дека иако од страна на институциите се преземени сите дејства до оваа фаза, мора да истакнат  дека изнесувањето на определени информации во врска со овој случај во јавноста и со манипулацијата на тие информации во дневно политички цели свесно или не, се прави штета за одвивањето на целиот случај по повеќе основи, кои може да ја загрозат целокупната постапка и истрага и да го отежнат прибирањето на факти, докази и аргументи во врска со случајот во понатамошните негови фази.

„Не сакаме да навлегуваме во можноста и не сакаме да веруваме дека информациите се свесно изнесени во јавноста со цел да го загрозат овој случај и неговото расветлување, но сакаме да потенцираме дека секој општествен субјект има општествена одговорност да се воздржува од објавување на сензитивни информации во јавноста само заради свои политички цели, и во најмала рака доколку тие чувствувале вистинска загриженост требало да се обратат до институциите најпрво, а не да се обидуваат да предизвикуваат евтин сензационализам преку лиферување на информации, кои можат да ја загрозат истрагата. Исто така секоја индивидуа има одговорност пред законите да се воздржува од загрозување на истрага и постапка“, потенцираат од Управата.

На крајот, сакаат да истакнат дека не се точни наводите во дел од медиумите дека наводно од страна на Управата добиле формален одговор на прашање на оваа тема дека Управата немала интернет, а таквите наводи ги оценуваме како неетичко однесување од страна на дел од медиумите кои очигледно наместо вистината во прв план имаат однесување по однапред утврден агол и во нечија функција.

Потенцираат  дека постои максимална посветеност на одговорните институции во врска со  овој случај, се постапува согласно сите процедури и прописи, а апелираме да не се нанесува штета  при ваквите активности, затоа што се работи за комплексни случаи, потребно е секој да покаже лична одговорност, а институциите ќе ја оправдаат довербата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.