Случај „Изгрев“: Миладинови осудени на затворски казни

Кривичниот суд во Скопје денеска ги осуди браќата Ѓорги и Димитар Миладинови за случајот „Изгрев“ на затворски казни од две односно 2,5 години поради перење пари.

Судот двајцата обвинители за криминал околу струшкиот хотел ги ослободи од обвиненијата за злоупотреба на службена положба и измама.

Обвинетиот Димитар Голабовски, кој е сопственик на фирмата „Агора консалтинг“, осуден е на една година и три месеци затвор, додека на адвокатот Димитар Савовски му беше изречена затворска казна во траење од девет месеци.

Судот на референтката од струшкиот Катастар, Сузана Блажеска, и изрече условна казна од една година и шест месеци. Златко Фармакоски, советник за геодетски работи во Агенцијата за катастар во Струга, беше осуден на двегодишна условна казна. Сите останати обвинети добија ослободителни пресуди.

Судскиот процес за случајот „Изгрев“ почна во 2009 година. Браќата Ѓорги и Димитар Миладинови беа обвинети за финансиски малверзации и за манипулации со хотелот „Изгрев“, а за помагање беа обвинети неколкумина адвокати, судии, нотари.

Со првостепената пресуда, Миладинови беа осудени на 6,5 години затвор, но оваа одлука беше укината од Апелацискиот суд и процесот беше вратен на повторно судење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.