Службениците на ГП „Богородица“ вакцирани за заштита од грип

На граничниот премин „ Богородица “ кај Гевгелија вакцинирани се сите службеници од полиција, медицински и други екипи и служби кои последниве месеци засилено работат на овој граничен премин.

Од ЈЗУ Центар за јавно здравје од Велес информираат дека на овој премин кај Гевгелија во изминатиот месец вакцинирани се сите службеници ангажирани за влез на бегалците од Грција во земјава.

Според епидемиологот д-р  Билјана Трајкова, за Гевгелија годинава досега се потрошени  над илјада вакцини против грип, од кои половина за месното население, а половина за службениците и екипите на граничниот премин.

Вакцинирањето на службениците, истакнува, е со цел превентивно да се заштитат од грипот кој лесно се пренесува со заразени.

– Оваа вакцина штити од трите форми на грип кои се регистрираат на северната хемисфера. Вакцината е издадена од страна на Светската здравствена организација, штити од т.н. свински грип Х1 Н1, потоа од сезонски Х3Н2 и од грип вид Б, информира Трајкова.

Во Велес против грип досега се вакцинирани илјада граѓани, а вакцинацијата се уште трае. Во останатите градови од Повардарието кои се во ингеренции на велешката ЈЗУ  Центар за јавно здравје, во Кавадарци досега против грип се вакцинирани 850, во Неготино 450  и Свети Николе  исто така  450 граѓани, информира д-р Трајкова.