Службените тајни и понатаму јавни за советникот на Спасовски

Советникот на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој беше приведен поради оддавање на службена тајна, непречено си ја извршува функцијата, иако истражните органи не утврдиле како дошло до истекување на информациите па осомничениот Д.С. може да го повтори делото. За познавачите на структурата во МВР е јасно дека Д.С. не можел и не смеел да има пристап кон информациите кои ги обелоденил на осомниченото лице и на тој начин ја компромитирал истрагата.

„Нетпрес“ од МВР и од Основното јавно обвинителството денеска не доби одговор зошто советникот не е суспендиран, ако веќе не му е одреден притвор, туку само му се одредени мерки на претпазливост. Не ни беше одговорено дали Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди истражува евентуална вмешаност на друг вработен или службено лице во МВР кое можеби му помогнало на советникот, како и дали можеби ова не е динствен ваков случај. Ниту од ОЈО не добивме одговор зошто, ако веќе се инсистирало на мерки на претпазливост, а не на притвор, е побарана само забрана за преземање одредени работни активности што се поврзани со кривичното дело.

Според поранешен висок функционер во МВР, случајот како тој на советникот Д.С. имало во министерството и порано, таканаречени „провали“ извршени од поединци кои ја злоупотребувале службената положба. Најчесто станувало збор за кривични дела со кои полициски службеници сакале или остварувале материјална или друга корист, со уцена или со барање мито од лицето кое било под истрага за да се компромитира истрагата.

-Советниците на министрите не се надлежни директно за оперативата, тие се запознаени со состојбите глобално, односно како стојат и се движат работите во поширок контекст. Тоа значи дека осомничениот не би требало да има пристап на информациите кои ги злоупотребил. Како и зошто тоа се случило треба да покаже истрагата, но не е исклучено дека тој може да бил наместен од негови колеги- вели соговорникот.

Според него, многу е мал кругот на луѓе кои се запознаени со конкретни истраги, а посебно такви со ПИ мерки. Во тој случај деталите ги знае инспекторот што го води случајот, недлежниот старешина, судијата кој дал налог и обвинителот. Освен нив, никој не би требало да го знае идентитетот на осомничениот, ниту, пак, на оперативците во МВР кои ја спроведуваат истрагата.

-Веројатноста да протече информација е далеку помала на почетокот на истрагата, но со време, поради потребата од зголемување на бројот на оперативци се зголемува можноста да се случи провала. Со оглед на тоа во која фаза била истрагата јасно е дека немало многу канали од каде би можело да протече информацијата, па најверојатно станува збор за пробивање на системот- вели соговорникот.

 

По скандалот со советникот на Спасовски, кој беше приведен во петокот, од МВР рекоа дека против Д.С. е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување.

Според полицијата, Д.С. е државен советник за полициски и криминалистички работи во Кабинетот на Министерот за внатрешни работи и носител на безбедносен сертификат „државна тајна“, а делото за кое се товари го извршил минатиот месец. Тој спречил обезбедување докази за водење на кривична постапка, откако со пречекорување на службените овластувања прибавил службена тајна, класифицирана како „Строго доверливо“, наведена во две судски наредби за примена на посебна истражна мерка, а кои биле во тек на спроведување над за него познато лице.

Сепак, советникот на 26 февруари во една здравствена установа се сретнал со лицето кое било предмет на истрагата, па директно и ја пренел службената тајна, потенцирајќи и дека над нејзе е во тек примена на посебна истражна мерка што е причината за нивната средба. Тој и објаснил дека се следат сите нејзини телефонски броеви, па ја предупредил да престане да го прави тоа што го прави и да биде внимателна, поради тоа што може во текот на наредните денови да биде применета и друга мерка со користење на прикриен агент. На тој начин Д.С. ја попречил да се обезбедат докази битни за таа постапка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.