Службени велосипеди и електрични мотори на батерии во ОНЕ

Од денес, вработените во телекомуникацискиот оператор ОНЕ ќе заменат дел од своите службени автомобили со службени велосипеди и електрични мотори на батерии. Ова денес, Главниот маркетинг директор на ОНЕ, Виктор Доневски го најави на трибината одржана на тема “Електромобилност – помеѓу желбите и можностите” во рамките на проектот “Електромобилност Македонија”, а во организација на Град Скопје и магазинот Авто Плус.

„Телекомуникацискиот оператор ОНЕ го поздравува и поддржува проектот “Електромобилност Македонија” и е првата голема компанија во земјата која на сопствена иницијатива, независно од овој проект, одлучи да почне да ги менува транспортните навики на своите вработени и дел од автомобилите да ги замени со алтернативни превози средства. Поради својата стратешка определба кон општествено одговорно делување, вклучувајќи ги и проектите за заштита на животната средина, ОНЕ го збогатува својот возен парк со велосипеди и електрични мотори на батерии. Нивната употребна намена ќе биде единствено за потребите на вработените во компанијата кои од денес, наместо со автомобил или такси ќе можат да ги извршуваат своите работни обврски надвор од канцеларија, користејќи велосипеди или електричните мотори. Целта на ваквата компаниска одлука во целост кореспондира со целта на проектот: подигање на еко свест, намалување на загаденоста на воздухот, заштеда во време за транспорт и сл,“ изјави Доневски.

Во рамките на настанот беше организирано и тест возење на изложени електро-хибридни возила, меѓу кои и електричниот мотор на батерии на ОНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.