Службеничката од поштата во Катланово: Не се враќам на работа

Служебничката од поштата во скопското село Катланово, која два пати беше мета на вооружени разбојници за Дневник изјави дека не се враќа на работа во поштата каде работи сама.

„Ми рече ќе те убијам ако не ми ги дадеш парите и со дршката од ножот со сета сила ме удри по десната рака. Од чантата ги зедов клучевите од сефот на поштата, го отворив и потоа силно ме удри по тилот. Повеќе ништо не се сеќавам“, изјавила 63-годишната Божана Маневска за Дневник,  вработена во Поштата во Kатланово, која завчера беше  жртва на разбојнички напад. Разбојникот со нож ја нападнал и откако ја онесвестил, од сефот зел 400.000 денари и избегал.

 

Маневска за весникот раскажала дека разбојникот влегол утрото само што стасала на работа, 10 минути пред седум  часот .

 

„Kомпјутерот се` уште не беше вклучен кога внатре влезе момче. Помислив дека ќе купи весник. Ми се обрати со зборовите „каде си, стара пријателке“, а потоа извади нож од оној што скока. Се стаписав“,  вели таа.

 

На Маневска ова не е првпат да биде жртва на разбојништво. Сликите од пред една година и се вратиле повторно кога разбојник дошол во поштата и заканувајќи и се со пиштол, зел 331.000 денари. Да биде иронијата поголема и тогаш разбојништвото се случило во понеделник.

Поштата во Катланово е на средсело, на фреквентно место, до неа има две продавници.

Жителите на селото за Дневник истакнале дека тоа личи на се’ освен на пошта. Божана со години работела сама, а за разбојништвото разбрале отпосле, откако ја однеле Божана во болница.

„Сега имам болки по раката и главата. Со рачката од ножот ме удри и ми се закани дека ќе ме убие. Јас се исплашив и додека го отворав сефот си велев „Господе, само да останам жива“. Потоа силно ме удри по тилот и веќе не се сеќавам на ништо“, рекла Божана на новинарите од Дневник кои ја посетиле во нејзиниот дом.

Нејзиниот сопруг вели дека дури околу 13 часот вработените од соседната продавница му кажале дека Божана лежи онесвестена на подот. Најпрвин ја забележал нејзиниот колега-поштар, кој во тоа време дошол во Поштата.

Божана раскажала  дека  и лани во јануари била жртва на разбојнички напад.

„Тогаш метев внатре во поштата. Влезе едно момче и веднаш ми извади пиштол. Сакав да излезам, но ја затвори вратата, ме турна во ќошот и потоа ги зеде парите. Разбојникот не го пронајдоа “, се сеќава таа.

Божана 33 години работи во истата пошта. Вели оти никогаш немало чувар, ниту аларм. Но по ова разбојништво категорична е дека нема повеќе да се врати на работното место.

„Нема аларм ниту чувар. Работев сама. Затоа апелирам кој и да дојде сега на моето работно место да бара да му донесат чувар оти Kатланово е опасно место за живеење. Селото е фреквентно, а полиција нема “, вели Божана за Дневник .