Службеничката во пошта крадела за да врати пари кои претходно ги украла

Службеничката на поштата во скопско Катланово ќе одговара кривично бидејќи во два наврати лажно пријавила дека поштата била ограбена, информира денеска Министерството за внатрешни работи.

Според полицијата, шеесет и тригодишната Божана М. Во целост ги измислила грабежите на експозитурата на „Македонски пошти“ во Катланово, каде што таа работи, кои таа ги приијави на 21 јануари лани и 10-ти февруари годинава.

Причината за службеничката да ги измисли грабежите било да сокрие дека таа самата ги зела парите од поштенскиот сеф.

Приказната добива уште поголема тежина поради фактот што таа парите од двата грабежи во висина од 704 илјади денари, ги крадела за да ги сокрие дека крадела пари од сметки на двајца клиенти на поштата.

„Пријавената, додека била на работа на 21.01.2013 година и 10.02.2014 година, а со намера да врати парични средства на лице од чија сметка претходно неовластено подигала пари, и да уплати пари на трезорска сметка за друго лице од кое претходно противправно ги присвоила, но и за свои лични потреби, пријавила дека, во поштенска експозитура на АД „Македонски Пошти“ во с.Катланово од страна на НН сторител и со закана со пиштол (во првиот случај) и нож (во вториот случај), извршени се две кривични дела – “разбојништво“ при што и се одземени вкупно 705.124 денари“, се вели во соопштението од полицијата.

Полицијата информира дека против Божана М. пред 10 дена бил поднесен посебен извештај поради одземање на средства од сметка на граѓани.

Во домот на службеничката пронајдени се пари и уплатница на име на оштетен.