Службеник земал 200 евра поткуп за посредување субвенции за трактор

МВР уапси службеник од Агенцијата за финансиска поддршка за развој на земјоделието и рурален развој кој земал поткуп за посредување субвенции преку ИПАРД програмата, соопшти министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Уапсениот во март оваа година побарал 200 евра од оштетеното лице за да му биде посредник во Агенцијата и да му овозможи преку ИПАРД програмата да добие субвенции за купување на трактор. Оштетениот го пријавил случајот во полиција.

Триесет и четиригодишниот службеник кој живее во Аеродром завчера се сретнал со оштетениот во угостителски објект во населбата Аеродром, каде освен потребната документација ја примил и наградата од 200 евра. По претходна наредба извршен е претрес на уапсениот, кој се уште бил во објектот при што биле најдени четири банкноти од по 50 евра, кои биле претходно обележани, како и документација во фотокопија.

Бил извршен претрес и во неговиот дом каде била пронајдена разновидна  документација од Агенцијата за финансиска поддршка за развој на земјоделството и рурален развој.

Службеникот кој земал пари е уапсен и му е одреден притвор од осум дена.