Смртна казна за 54 војници во Нигерија

Нигериски воен суд им изрече смртни казни на 54 војници, обвинети за поттикнување бунт, убиства, непочитување наредби и одбивање да се борат против исламистички екстремисти, пренесува МИА.

На судењето што започна во октомври и се одржуваше зад затворени врати, војниците беа обвинети дека одбиле да учествуваат во операцијата за ослободување на три градови под контрола на екстремистичката група Боко Харам во август оваа година.

Според нивните адвокати,војниците се бранеле дека одбиле да ја извршат командата, затоа што оцениле дека не им било дадено доволно оружје и муниција за да се борат со исламистите.

Судот не ја прифати нивната одбрана, па 54 војнци се осудени на смрт со стрелање, додека петмина други беа ослободени од обвинувањата.

Во септември годинава, нигерискиот суд осуди на смрт 12 војници, кои исто така беа обвинети за бунт, како и за обид за убиство на командантот на армиските сили во североисточниот град Макдугури.

Милитантната исламистичка група Боко Харам од 2009 година војува со нигерските вооружени сили и спроведувајќи терористички акции за создавање на исламистичка држава во североисточните делови од Нигерија.

Повеќе од две илјади луѓе досега се убиени во борбите и во нападите на исламистите, а десетици илјади луѓе се водат како раселени, бегајќи од воените судири.