Смртоносна бактерија “побегнала” од американска лабораторија!

Смртоносна бактерија успеала да “побегне” од многу добро обезбедена научна лабораторија во Националниот центар за истражување во Тулејн.

Во тек е истрага во Луизијана за тоа како можело ова да се случи.

Станува збор за бактеријата “Burkholderia pseudomallei”, која најчесто може да се најде во Југоисточна Азија и на северот на Австралија.

Со оваа бактерија можат да се заразат луѓе и животни преку контакт со контаминирано земјиште и вода, а класифицирана е како потенцијален агенс на биолошки тероризам.

Бактеријата најверојатно побегнала од лабораторијата на споменатата установа, која работела на развој на вакцина против неа, во ноември минатата година.

Властите тврдат дека патоген не бил откриен на земјиштето на Центарот, иако од него заболеле четири мајмуни чувани на отворено, од кои два биле подложени на еутаназија.

И една федерална инспекторка која го посетила Центарот во Тулејн, кратко потоа се разболела, но се истакнува дека можеби таа од бактеријата се заразила на друго место, со оглед на фактот што многу патувала низ светот.

Во соопштението на Центарот е наведено дека “не се знае дали постои некаква закана по населението” од бактеријата, како и тоа дека моментално нема регистрирани случаи за заболени луѓе.

Сепак, фактот што загрижува најмногу е тоа што Центарот не е во можност да утврди како опасната бактерија можела да побегне од лабораторијата, истакнува Ричард Ебрајт, експерт за биолошка безбедност од Универзитетот Ратгерс во Њу Џерси.