Свет

Снегот го блокира североисточниот дел на САД

Снегот го блокира североисточниот дел на САД

Поради невремето и очекуваната снежна покривка од 60 до 90 сантиметри, забрането е патување во неколку густо населени североисточни држави во САД, вклучувајќи ја и метрополата Њујорк, пренесува МИА.

До синоќа во Њујорк наврнале 10 сантиметри снег, кој продолжи да паѓа. Повеќето училишта во градот вчера одржуваа настава, но денеска ќе бидат затворени. Неколку компании, исто така, им дале одмор на своите вработени. Поради снежната бура затворени се и театрите на Бродвеј, а 27 претстави се откажани.

Во Пенсилванија вчера е измерена снежна покривка од 20 сантиметри. Метеоролозите предупредуваат дека невремето ќе го зафати и Бостон.

Вонредна ситуација е прогласена во Њу Џерси, Конектикат, Масачусетс и делови на државата Њујорк.

Воведени се и ограничувања за движење на метроата во Њујорк, Џерси Сити и Бостон.

„Делта ерлајнс“ вчера откажа околу 730 летови, а „Јунајтед ерлајнс“ соопшти дека ги откажува сите денешни летови од аеродромите во Њу Џерси, Њујорк, Бостон и Филаделфија. Слични мерки за денеска најавија и „Американ ерлајнс“, „Ју Ес ервејз“ и други авиокомпании.