Снегот го отежна сообраќајот

Поради снегот што паѓа од ноќеска во поголемиот дел од државава, патниот, железничкиот и авиосообраќајот се одвиваат во зимски услови, засега  без значителни проблеми и застои.

– Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно по влажни коловози во северниот, западниот и југозападниот дел од државата, а во останатите делови од државата коловозите се наместа влажни. Во раните утрински часови врнежи од снег со послаб интензитет се бележат во Крива Паланка, Страцин, Куманово, Тетово, Гостивар, планинскиот превој Стража, Кула и Маврово. На Попова Шапка врнежите од снег се со среден интензитет. Врнежи од слаб дожд се бележат во Охрид и Дебар, наведува Автомото сојузот на Македонија во извештајот за состојбата на патиштата во шест часот изутринава.

Без проблеми од изутринава се реализирани предвидените полетувања и слетувања ид аеродормот „Александар велики“ во Скопје, покажуваат податоците на веб страницата на концесионерот „ТАВ Македонија“.

Поради снегот забавено се одвива сообраќајот во Скопје, како и меѓуградскиот превоз.

Според  прогнозата на Управата за хидрометеролошки работи на Македонија (УХМР), пообилни врнежи ќе има во попладневните и ноќните часови. Насекаде ќе се формира снежна покривка, на планините и до 50 сантиметри. Ќе дува умерен, попладне засилен северен ветер, но во јужните делови претпладне ветерот ќе биде јужен.

ЈП „Македонија пат“ апелира на внимателно возење и прилагодување на брзината  спрема условите на патот.