Снегот направи хаос – за два дена 20 сообраќајки во Скопје

Обилните врнежи на снег и голомразицата го отежнаа сообраќајот на патиштата, а како последица за два дена се случиле вкупно 20 сообраќајни несреќи на подрачјето на град Скопје.

Седумнаесет сообраќајки се случиле завчера, а во една од нив патникот се здобил со тешки телесни повреди. Во осум од несреќите тринаесет патници завршиле со телесни повреди, а исто така во осум сообраќајки за среќа била причинета само материјална штета.

Во Скопје вчера се случиле три сообраќајки. Пет лица се здобиле со телесни повреди во две од несреќите, додека во третата била причинета само материјална штета.

Камион се преврте вчеравечер во близина на Катланово. Поради несреќата сообраќајот на патот Велес – Скопје се одвивал отежнато во долга колона. По неколку часа камионот бил отстранет од патот.

Поголем број патници беа буквално заробени повеќе часа кај Пресека. Во автомобилите кои се нашле во долгата колона имало мали дечиња, како и бремена жена.

Од Републичкиот центар за управување со кризи велат дека во текот на вечерта сите патници се извлечени.

Сообраќајот на патот Кичево – Охрид е во прекин, а забрана за движење на тешки товарни возила денеска има на патните правци Тетово – Попова Шапка, Маврово – Дебар – Струга, Струга ГП Ќафасан, Крива Паланка – ГП Деве Баир. Сообраќајот за тешки товарни возила исто така е забранет и на планинските превои Стража, Буково и Ѓавато.