Балкан

Снежно невреме предизвика хаос во сообраќајот во Истанбул

Снежно невреме предизвика хаос во сообраќајот во Истанбул

Силно снежно невреме денеска предизвика хаос во авионскиот, патниот и поморскиот сообраќај во Истанбул, а поради невремето привремено е затворен и главниот турски аеродром.

Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ одложи или откажа стотина летови од меѓународниот аеродром „Ататтурк“, главниот аеродром во земјата, како и од аеродромот „Сабих Гукчен“. Два часа по затворање за чистење на пистата од снег и мраз, аеродромот е повторно отворен.

Според турските медиуми, авион од Бејрут денеска излетал надвор од пистата поради мразот, но никој не е повреден во инцидентот.

Невремето го одложи и патувањето на фудбалерите на турскиот прволигаш „Бешикташ“, кои се заглавени во Истанбул и чекаат лет за Ливерпул, каде утре играат натпревар од рамките на Лига Европа.

Снежното невреме го прекина и поморскиот сообраќај во Босфорскиот теснец, кој е еден од најпрометните во светот.

Истанбулските власти, исто така, објавија дека за два дена во градот се случиле над 800 сообраќајни несреќи.