Магазин

Снимање детска авантура со „Тинтири Минтири“

Снимање детска авантура со „Тинтири Минтири“

„Потрага по загубеното богатство“ е темата на филмската авантура што летово ќе се снима во рамки на филмскот детски камп од 26 јуни до 1 јули, во организација на КЦ Тинтири Минтири и Аурипигмент продукција од Скопје.

Пријавувањето за кампот е во тек, а рокот е до 20 јуни 2015.

Предвидено е група деца секој ден вистински да бараат богатство и ќе го најдат, а сето тоа ќе биде снимено со филмска камера. Во текот на снимањата, покрај усовршувањето на актерските вештини, тие ќе стекнат основни знаења за тоа што и како се режира, како се снима и се продуцира едно филмско дело, како се поставува природно и вештачко светло, работа со тон и уште многу други работи поврзани со филмот.

Воедно, со помош на инструкторот за техники на преживување во природа, ќе се стекнат и со основните вештини за снаоѓање во природа и напредни извиднички техники: палење на оган, подготвување на храна во природни услови и со користење на природни ресурси, поставување на камп, прва  помош и заштита,…

– Прашањето што ќе не раководи при снимањето и останатите активности е, како ќе се снајдеш ако си изгубен на пуст остров, на место без цивилизација и без техника? Филмот што ќе се сними ќе биде првата македоска авантура во дивина, а сите заинтресирани ќе можат премиерно да го гледаат на големо платно, вели Кузман Кузмановски, режисер и раководител на КЦ Тинтири Минтири.

Снимениот филм ќе биде презентиран јавно, спакуван како адаптирано аудио-визуелно четиво за деца. Секое дете учесник во кампот ќе добие примерок од финалниот производ и дел од „пронајденото богатство“.