Сноуден бил шпион за ЦИА

Поранешниот соработник на американското разузнавање Едвард Сноуден, кој објави податоци за масовната програма на САД за следење на комуникациите во светот, изјави во интервју за Ен-Би-Си дека бил обучуван за шпион.

Во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си, направено во Москва, Сноуден ги отфрла тврдењата дека бил нископоставен програмски администратор. Пред презентерот Брајан Вилијамс, тој изјави дека бил обучуван за шпион во традиционална смисла на зборот и тајно дејствувал во странство, под туѓо име и претставувајќи се дека работи нешто друго.

Именувајќи се себе си како технички експерт, Сноуден истакна дека не работел со луѓе и не врбувал агенти.

„Тоа што го правев јас е системите да работат за САД“,  истакна Сноуден, додавајќи дека го работел тоа на сите нивоа, од најниско до највисоко ниво.
Сноуден тврди дека работел на тајни задачи во странство за ЦИА и за Агенцијата за национална безбедност, како и дека предавал на академијата за обука за контраразузнавање, каде работел на „средства и методологија“ за заштита на информациите и Американците низ светот.