Сноуден не е руски шпион

Откако поранешниот разузнавач, Едвард Сноуден доби азил во Русија, републиканецот Мајк Роџерс, претседател на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом го обвини дека тој е руски шпион.

Но, претседателката на Комисијата за разузнавање во Сенатот Дијана Фајнстајн изјави дека нема никакви докази дека руските шпиони му помогнале на поранешниот американски разузнавач во Националната агенција за безбедност Едвард Сноуден  да ги украде државните тајни документи за прислушувањето.

Изјавите на сенаторката Фајнстајн, од редовите на демократите, се во спротивност со изјавите на републиканецот Мајк Роџерс, претседател на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом. Роџерс сугерираше дека Русија имала влијание врз Сноуден пред тој да ги објави  илјадниците доверливи документи кои ги опишуваат американските и британските операции за прислушување.

Портпаролот на Роџерс изјави дека Републиканскиот законодавец стои зад неговата изјава. Веб-страницата на списанието Њујоркер неодамна го цитираше Сноуден како негира дека шпионирал за Русија.