Сноуден номиниран за Нобеловата награда за мир

Членови на норвешниот парламент соопштиле дека поранешниот разузнавач на американската Национална безбедносна агенција Едвард Сноуден, по нивен предлог ќе биде номиниран за Нобеловата награда за мир.

Според Би-Би-Си, поранешниот норвешки министер за заштита на животната средина, Бард Вегард Солхјел и пратеникот Сноре Вален изјавиле дека со откривањето на документите, Сноуден придонел за „постабилен и помирен светски поредок”.

Со оваа номинација, Сноуден ќе биде едно од имињата кои ќе бидат разгледани од Нобеловиот комитет за престижната награда. Панелот од пет члена вообичаено не потврдува кој бил номиниран, но понекогаш оние кои ги прават номинациите го соопштуваат тоа.

Сите номиниации за Нобеловата награда мора да бидат поднесени до 1 февруари.

За 2013 година добитник на Нобеловата награда за мир е организацијата за забрана на ширењето на хемиското оружје, која го спроведува процесот на уништување на хемиското оружје во Сирија.