Македонија

Со 132 милиони евра ќе се градат и реконструираат повеќе локални и регионални патишта

Со 132 милиони евра ќе се градат и реконструираат повеќе локални и регионални патишта

Повеќе регионални и локални патишта ќе бидат реконструирани и изградени во текот на 2015 та година. За ова денес информираше министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Фатмир Имеровски.

Имеровски праша за предвидените 132 милиони евра за реконструкција и изградба на локални и регионални патишта во 2015 година односно побара подетално кои патишта би биле опфатени со оваа програма.

-Преку оваа програма ќе се опфатат повеќе патни правци како што се патниот правец од Штип до Кочани во должина од 26 километри, патниот правец од Градско до Прилеп во должина од 28,3 километри, автопатска делница од Требениште до Струга во должина од 8,5 километри. Патниот правец од Охрид до Пештани во должина од 14,5 километри, патниот правец од Ранковце до Крива Паланка во должина од 22 километри, Патен правец Битола – Ресен – Буково со должина од 27 километри, патниот правец од Ново Село, Маврово, Жировница и Дебар во должина од 21 километар, патниот правец од Кочани, Македонска Каменица до Делчево во должина од 30 километри,  регионалниот пат Делчево – Планина Голак во должина од 11,5 километри, регионален пат од Нов Дојран – Николиќ во должина од 6 километри, патен правец Мокрино- Смолати во струмичкиот регион во должина од 4 километри како и други помали патни правци на кои што ќе се изврши реконструкција и ќе се подобри нивниот квалитет, рече Јанакиески.