Со „Ало докторе“ здравствената услуга поблиска до секој граѓанин

Телефонската линија „Ало докторе!“ не престанува да ѕвони. За здравствен совет на оваа линија од нејзиното отворање се јавиле вкупно 13.299 граѓани, односно имало по 147 јавувања секој ден.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска – Вучковиќ вели дека откако е отворена телефонската линија јавувања има во континуитет.

-Најчесто јавувањата се за совет со кардиваскуларна и респираторна симптоматологија. Лекарите на граѓаните им даваат медицински совет, како и насока каде да се упатат доколку тоа е потребно. На хронично болните воедно им се препорачува да продолжат со соодветната терапија, како и редовно да го посетуваат својот матичен лекар, вели Баевска – Вучковиќ.

Според неа големиот број јавувања не е резултат на хипохондрија, туку напротив вели дека огромна заинтересираност има бидејќи за прв пат здравствената услуга е толку лесно достапна и блиска до секој граѓанин ширум земјава.

Исто така таа додава дека со помош на оваа линија во доцните вечерни или раните утрински часови може да им се помогне со совет и на граѓаните кои во непосредна близина немаат амбуланта.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.