Со бесплатни прегледи превенција и едукација за ракот на кожата

Здружението на дерматовенеролозите на Македонија ја започна превентивно здравствената кампања Еуромеланома 2015, за рано откривање на меланом и други кожни карциноми.

Оваа година Европска кампања за борба против ракот на кожата ќе се одвива под мотото „Ракот на кожата може да се види! Препознај го рано и може да се излекува!“ и ќе опфаќа бесплатни прегледи на дамките на кожата и консултации со стручно лице. Целта на кампањата е информирање и подигнување на јавната свест за борба против најсмртоносниот карцином на кожата како потенцијално излечив.

 „Карциномот на кожата е единствен кој што може да се открие со голо око, односно да се дијагностицира во рана фаза на развој. Но и покрај тоа загрижува фактот што меланомот и другите кожни карциноми често се откриваат во напредна фаза на развој кога шансите за излекување се помали. Наспроти превенцијата, според податоците од Националниот регистер за рак на Република Македонија, мониторингот на инциденцата и морталитетот од рак на кожа покажува значајно зголемување на меланом на кожа во нашата земја. Токму овие податоци  укажуваат на потребата од едукација и рана превенција кај нашето население“, изјави Д-р Зорица Зафировиќ, Координатор на кампањата и претставник на Македонија во Euromelanoma Europe.

Како дел од активностите на кампањата покрај бесплатните прегледи е и информирање на населението за факторите на ризик, клиничките знаци и симптоми на меланомот и другите карциноми на кожа, укажување и подигнување на свеста за опасностите од прекумерното изложување на сонце и солариуми, како и запознавање со правилните начини за заштита од штетното дејство на сонцето и солариумите.

Европска кампања за борба против ракот на кожата ќе се спроведува од 1 до 3 јуни, при што консултативните прегледи ќе бидат достапни за населението во сите заинтересирани државни и приватни дерматолошки институции во државата.

Здружението на дерматовенеролози на Македонија во 2010 година стана дел од паневропската кампања за спречување на ракот на кожата и веќе шеста година по ред ги спроведува активностите во координација со европската платформа за рана детекција и превенција на ракот на кожата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.