Со црн маркер ќе се обележуваат гласачите на претседателските избори

Нов начин на обележување на гласачите на престстојните претседателски избори.

Околу 15.000 маркери за обележување на избирачите со видливо мастило ќе набави Државната изборна комисија (ДИК) за претстојните претседателски избори. Имајќи предвид дека првиот круг од изборите е закажан за 13 април, тие треба да бидат набавени до крајот на март.

„Првпат овие избори Република Македонија ќе има нов начин на обележување на гласачите кои ќе се јават на гласањето за избор на претседател на државата. Ова видливо мастило треба да биде во вид на маркер пенкало, да остава видлив отпечаток на површината на која се нанесува, да има трајност на отпечатокот од најмалку 24 часа по нанесувањето, да не може да се избрише со алкохол, ацетон, хидроген или други средства за бришење. Мастилото да е брзосушечко, да е антиалергиско, односно да не е штетно по здравјето. Секој маркер да може да се користи за најмалку 500 гласачи, во составот на мастилото да има 20 отсто сребронитрат и боја и отпечатокот да биде со црна боја“, изјави членот на ДИК Виолета Дума.

Маркерите со видливо мастило ќе бидат набавени од странство бидејќи во Македонија не се произведуваат, а поради итноста и роковите за испорака, постапката ќе се спроведе со преговарање. На маркерот ќе го има логото на ДИК, ќе пишува на македонски јазик и на јазикот на кој зборуваат граѓаните во општините каде се повеќе од 20 отсто, и ќе има заштитен знак, како лозинка, кој ќе биде доставен само до претседателот на ДИК.

„Евентуално никој да не може да направи фалсификат. Значи, заштитата ќе биде високо квалитетна“, рече Дума.

Маркерот, како што појасни, ќе биде предаден на лицето кое ќе биде задолжено од избирачките одбори.

„ Одбележувањето со маркерот ќе биде на десниот палец, но ќе биде во делот од средината на палецот по ивицата на подноктицата и ноктот од палецот, што значи дека ќе опфаќа дел од ноктот и дел од месото кое се спушта на ноктот“, објасни Дума.