Со доставување на Законот за јазици до Венецијанската комисија СДСМ купува време пред локалните избори

Законот за проширена употреба на албанскиот јазик прво да биде доставен на мислење во Венецијанската комисија, а потоа на расправа во Собранието, е предвидено во владиниот план „3-6-9“.

Одлуката законот за јазици прво да помине во Венецијанската Комисија, како што најави  вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи била донесена, како што вели, законот во иднина да не падне на Уставен суд.

Правните експерти посочуваат дека мислењата на Венецијанската комисија се незадолжителни, а консултациите би можеле да траат и до една година, појаснува универзитетската професорка по уставно право и претставник на Македонија во Венецијанската комисија, Тања Каракамишева-Јовановска.

Постапката за доставување одреден закон на мислење на Венецијанската комисија, како што појаснува таа, започнува со упатување официјално барање на Владата, или на одреден владин орган, министерство итн. што се доставува до Секретаријатот на Венецијанската комисија во кој допис државниот орган задолжително наведува што конкретно се бара од Комисијата, за што конкретно Комисијата треба да даде свое мислење.

По приемот на официјалниот допис од Владата, додава Каракамишева-Јовановска, Секретаријатот на Венецијанската комисија го става дописот на разгледување по што утврдува известителска група од неколку известители-членови на Венецијанската комисија која добива мандат да ја посети државата, да разговара со релевантните субјекти во земјата, да ги собере потребните закони, преводи на закони, Устав, и другите потребни документи со цел да направи свое мислење за усогласеноста на законот, на дел од законот со европските и со меѓународните стандарди, како и за неговата усогласеност со добрите европски практики.

За целиот овој процес од испраќање официјален допис од надлежните институции на земјата до одредување известителска група, нивна официјална посета во земјата, па се до поднесување мислење од групата за конкретниот закон и прифаќање на мислењето на известителите на пленарна седница на Венецијанската комисија, како што вели Каракамишева-Јовановска,  се потребни минимум 6-8, а понекогаш и 12 месеци за заокружување на целиот процес, вели универзитетската професорка.

Па оттука според Каракамишева-Јовановска, целта на доставувањето на Законот до Венецијанската комисија пред истиот да биде донесен е купување време, само за да не се донесе спорниот закон пред локалните избори.

Мислењата на Венецијанската комисија за одредени законски или уставни решенија имаат незадолжителен карактер. Тие се дефинирани како советодавни мислења за одредени прашања регулирани со Устав или со закон во некоја конкретна земја кои влегуваат во т.н. меко право (soft law) што по дефиниција нема задолжителна сила во ниту една држава, но има сила на авторитет, бидејќи произлегува од тело што е почитувано и авторитетно во Советот на Европа, но и во ЕУ. Владата има дискреционо право да одлучи дали ќе даде одреден закон на мислење до Венецијанската комисија. Понекогаш и самите органи во Советот на Европа или во ЕУ може да и сугерираат на националната Влада да достави одреден закон на разгледување до Венецијанската комисија. Она што не треба да се меша или да се злоупотребува, односно да се дезинформира јавноста во овој процес, е дека Венецијанската комисија има право да ги супституира националните органи, како на пример, Уставниот суд, и дека има право да прогласи одреден закон за уставен преку што му се затвора вратата на Уставниот суд на РМ да се изјасни дали законот е уставен или не, посочува за Нетпрес  универзитетската професорка по уставно право Тања Каракамишева Јовановска.

Таа појаснува дека без разлика на мислењето на Венецијанската комисија уставниот суд ја задржува својата уставна надлежност да ја оценува уставноста на законот.

Јавноста треба да биде правилно информирана дека Уставниот суд и натаму ја задржува својата уставна надлежност да ја оценува уставноста на законот, и да донесе мериторна одлука без разлика на мислењето од Комисијата. Ова значи дека мислењата на Венецијанската комисија немаат сила да ги супституираат надлежните државни органи во правниот систем на државата, туку има право да даде свое видување за (не)усогласеноста на законот со европските и меѓународните норми и стандарди. Често пати, националните власти поднесуваат закони на мислење до Венецијанската комисија со цел да купат време во решавањето на одредени политички проблеми, или со политичка цел да дојдат до одредени политички поени. Токму најавата на владата на СДС дека популарно наречениот закон за употреба на јазиците во земјата ќе биде доставен до Венецијанската комисија  на претходно мислење пред истиот да биде донесен го гледам за еден од таквите политички потези на одолговлекување и купување време да не се донесе спорниот закон пред локалните избори, додава Каракамишева – Јовановска.

Според ВМРО-ДПМНЕ доставувањето на Законот за јазици до Венецијанската комисија е очигледно одоговлекување на донесувањето на истиот, поради тоа што СДСМ со ветувањата за донесување на овој закон ги лажела и Албанците и Македонците.

Тоа е очигледно бегање од ветувањата кои СДСМ го даде на албанската заедница, ДУИ и Алијанса за Албанците. Се она што не се сака да се реши може да се праќа на Венецијанска комисија и да го чекаме шест месеци, година дена. Но некаде низ овој процес ќе се дознае дека СДСМ или ги излажал Македонците кога им ветувал дека нема да има ништо од тој закон, или ги излажал Албанците кога им ветувал брда и планини со цел да добие некој глас повеќе, заради тоа што СДСМ знае дека ниту некогаш можел ниту ќе може да го победи ВМРО-ДПМНЕ, посочи Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на донесувањето на Законот за проширена употреба на албанскиот јазик, лидерот на Движењето за реформи на ДПА Зијадин Села, веќе постави ултиматум дека ако во првите 100 дена од новата влада законот на биде усвоен, неговата партија ќе ја напушти Владата на СДСМ.