Со доставувањето податоци за стаж до подобар увид и побрзо решение за пензија

Доставувањето податоци за стаж и за плати на секој осигуреник, што како проект почна да се реализира од 15 јануари, e бенефит за работниците затоа што отсега тие навреме ќе имаат увид во стажот, а не како досега кога ќе отидеа во пензија, сметаат сидикалците и работодавачите,објави МИА.

Тие истакнуваат дека ваквиот начин ќе придонесе за поголема ажурност и ефикасност во донесувањето на решенијата за пензија.

– Навременото информирање ќе придонесе за поголема ефикасност во донесувањето на решенијата за правата од пензиско и инвалидско осигурување бидејќи податоците за стаж и плати ќе бидат целосни и точни, што ќе претставува добра основа за брзо одлучување за правото и висината на пензијата, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митревски.

Тој напоменува дека измените се донесени по согледувањата на социјалните партнери дека има потреба од зголемување на информираноста на осигурениците во врска со правата во пензиско и инвалидско осигурување.

– Социјалните партнери и Економско-социјалниот совет оцени дека е потребно да се направат вакви измени со кои ќе им се помогне на работниците и на граѓаните да имаат ажурни податоци во делот на стажот на осигурување и плати за секој осигуреник, рече Митревски.

Работодавачите напоменуваат дека спроведувањето на проектот ќе предизвика определени трошоци за нив, но и дека се работи за позитивен чекор кој е во прилог на работниците.

– Идејата е добра затоа што досега работниците кога ќе заминеа во пензија одеа во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување каде бараа да им се провери стажот. Сега тоа ќе се прави навреме и мислам дека е добро за сите. Од првите резултати што ги имаме, се гледа дека има доста пропусти во стажот особено за годините пред да почне процесот со електронското плаќање. Сега секој работник ќе може да направи увид и да реагира кај нас за потоа да може нашите служби во контакт со Фондот на ПИОМ да ги исправат грешките, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Од 15 јануари Фондот на ПИОМ достави податоци за стаж и плати до 318 илјади осигуреници.

Доставувањето на прегледи со податоци од матичната евиденција на осигурениците ќе се врши два пати годишно и тоа најдоцна до 15 февруари и до 15 јули секоја година.

Во првата половина од годинава, овие податоци ќе се доставуваат преку работодавачот, а од јули ќе се овозможи електронски пристап во увидот на податоците.

За самовработените лица и за индивидуалните земјоделци ќе се доставуваат прегледите на адресата која тие ја оставиле при приемот во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.