Со државниот испит нема веќе купени дипломи

Во своето гостување на вестите на Алфа телевизија, премиерот на Република Македонија разговараше околу разликите помеѓу екстерното тестирање и државниот испит.

Како што истакна премиерот, станува збор за државен испит, а не екстерно тестирање и истакна дека е очигледно оти некој ги манипулира студентите.

Што е разликата меѓу екстерното тестирање и државниот испит?

-Екстерното тестирање, кое го има во средно и основно образование, е фокус на наставници и професори во смисла какви оценки им дале, дали се реални и дали кореспондираат со нивното знаење.  Ако дале тројка, дали знае за двојка, четворка или петка. Колку наставникот е поблиску до реална оценка, повеќе бодови добива, а ако е подалеку од реалната оценка, губи повеќе подови, изјави премиерот.

Тој посочи дека се прави ранг листа и првите наставници добиваат казна или награда согласно дали промашиле од реалното знаење или најмногу ги погодиле оценките. Тоа е карактеристично за екстерното тестирање.

-Државен испит е нешто што се спроведува во повеќе земји во Европа – Полска, Чешка, Словачка, Унгарија. Повеќе од 100 години и дава одлични резултати. Со државниот испит се утврдува дали има студентот минимум знаења да положи испит, не дали е реална оценката доколку е над минималната. Цел е да се види дали знае за 6. Не е важно дали добил 7, 8, 9 или 10, туку само дали има минимално знаење за 6, изјави премиерот.

Тој додаде дека неколку месеци однапред ќе биде отворен базен на прашања од кои ќе се црпат прашањата.

-Студентите точно ќе знаат кои се прашањата. Ако положиле во 1 или 2 година 14 испити и од тие има 1.400 можни прашања, се објавуваат и ги има на интернет и секој може да види кои се прашањата кои може да се паднат. Од нив ќе добие по 5 од секој испит, пример 70 прашања. Положува ако има повеќе од половина позитивни одговори или ако се оди по тежински фактор, повеќе од пола бодови согласно тежинскиот фактор. Државниот испит ќе го спроведува не државата, не Владата или Министерството за образование, туку Одборот за акредитација во кој има професори, истакна премиерот Груевски.

Премиерот истакна дека и таму ќе има реконструкција, ќе влезат професори кои се со најмногу публикации во списанија, кои се докажани на меѓународниот пазар.

Груевски додаде дека ќе се полага во центри, не на факултет или универзитет, туку во специјални испитни центри.

-Секој студент ќе добие различна комбинација на прашања одредена од софтвер. Одборот прашањата ќе ги креира од наставна програма која универзитетот за програмата ја приложил во Одборот за акредитација. Целта е ако некој на кој било начин и мотив успеал да добие оценки без знаење, да го натераме да научи и да биде рамноправен со тие што учеле. Голем дел од младите оценките ги заработуваат со труд, а помал дел не на таков начин. Тоа не е фер кон оние кои учат и на истите нив им се конкуренција на пазар на работа сила, додаде Груевски.

Премиерот посочи дека првото полагање ќе биде на крајот на 2017 година и ќе биде поделен во два дела – еден за студентите од прва и втора, втор дел за оние од останатите години.

Ќе се полага писмено, компјутерски, при што одговорот ќе го има веднаш. Ќе го има и на огласна табла за секој да го види резултатот и, како што истакна премиерот, да не може ништо да се намести.