Македонија

Со електромобили и скутери против загадувањето

Со електромобили и скутери против загадувањето

За можностите за воведување на електричен транспорт во Скопје и за влијание на ваквиот транспорт врз квалитетот на животната средина во градот, денеска се дебатираше во Градското собрание.
Мирјана Апостолова, од секторот за меѓународна соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации на градот, којашто го претстави проектот Ele.C.Tra – Електричен градски транспорт, посочи дека проектот е финансиран од Европската Унија, а фондот изнесува околу 1,2 милиони евра. Временската рамка за реализација на проектот е 30 месеци, почнувајќи од 1 јули годинава.

„Пилот градови во проектот се Џенова и Фиренца од Италија  и Барселона од Шпанија. Основните цели на проектот се: намалувањето на загадувањето, подобрување на квалитетот на животот и подигнување на свеста кај граѓаните за други алтернативни модели на превозни средства. Но, нашето мото не е да зборуваме за електричната мобилност, туку да ја имплементираме, токму затоа се надевам дека до крајот на тековната година ќе ја изработиме физибилити студијата што ќе треба да ни даде реални анализи, дали во нашиот град постои можност за изградба на соодветна инфраструктура, како и колкава е заинтересираноста на граѓаните за практикување електромобилност во секојдневието“, истакна Апостолова.

Проектот Ele.C.Tra – Електричен градски транспорт, има за цел промовирање на употребата на електрични автомобили и скутери во урбани зони преку развој на модел на споделување на вакви електрични возила. Во проектот активно партнерско учество земаат 11 градови од 8 земји, меѓу кои Џенова, како град координатор на проектот, и Фиренца од Италија, Град Скопје, Град Загреб од Хрватска, но и градови од Романија, Шпанија, Малта, Грција и од Португалија.