Со финансиска едукација на населението до постабилен финансиски систем

Финансиската едукација на населението е од посебно значење за да може да се обезбеди стабилен финансиски систем, истакнаа денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, и гувернерот на Народната банка, Димитар Богов.

„По финансиската криза во 2008 година, во сите земји во светот се развива и се придава особено значење на финансиската едукација. Да се едуцира населението за користењето на фин услуги“, рече денеска Богов на потпишувањето на меморандум за соработка за финансиска едукација.

Финансиските регулатори, како што нагласи гувернерот, започнуваат со овие активност со цел поголема едукација на населението за да може да се заштити од непотребни ризици.

„Ќе придонесе да се подигне нивото на финансиска писменост и на тој начин ќе се вклучиме во европските трендови по кризата за да се намалат ризиците“, истакна Ставрески.

На овој меморандум, освен Ставрески и Богов, свои потписи ставија и директорот на Агенција за супервизија, Климе Поповски, директорката на Агенција за хартии од вредност, Елизабета Чингаровска и директорот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Булент Дервиши.

Потписниците на Меморандумот се согласија да се формира Координациско тело на регулаторните институции во Македонија за финансиска едукација. Улогата на Координациското тело ќе биде да покренува иницијативи до надлежните институции за донесување акти коишто ќе ја поткрепат идејата за финансиска едукација на населението во Република Македонија, да дефинира и да предлага заеднички проекти за финансиска едукација, да изработува стратегиски документи, да ги организира, да ги спроведува и да ги проценува анкетите за нивото на финансиска писменост во земјата и нивото на финансиска вклученост на населението во финансискиот систем во државата, да организира работни сесии, семинари и други видови обуки и настани и да промовира регионална и интернационална соработка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.