Со катастрофалните економски политики СДСМ ја доведе економијата до крах

СДСМ и Заев ја водат Македонија кон економски крах и ја туркаат државата во банкрот. Во овие 100 дена од владеењето на СДС, се забележува пад на индексот на промет во индустријата. Во јули годинава во однос на јули лани, на домашниот пазар се бележи опаѓање од 3 односно 2,5 отсто на странски пазари, се истакнува во соопштенеито на ВМРО-ДПМНЕ од саботата.

„Првпат се бележи пад на просечната плата за 0,7 отсто. Откако СДС e на власт првпат по долго време имаме пад на индустриското производство за 2,2 проценти. Огромен е падот и на градежништвото за јуни од дури 25 отсто. Расипничката влада на СДС, поради катастрофалните економски политики кои ги води во изминатиот период, успеа да ја повлече економијата во надолна линија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека неодговорната влада на СДСМ, за само 100 дена владеење расипнички потрошила над 350 милиони евра по основ на аукции на државни хартии од вредност и по основ на трошење на девизните резерви. Од граѓанските пари не се реализираше ниту еден проект.

„СДС и Заев потрошија точно 57.470.439 евра на стоки и услуги. На сметка на граѓаните, преку тендери црпат пари од државната каса за семејните фирми, вработуваат партиски пријатели и купуваат скап мебел за своите кабинети. Овие расипнички потрошени пари на луксузирања ќе треба да ги враќаат идните генерации“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од најбројната партија во Собранието велат дека како се приближува периодот за локалните избори, така СДС драматично се задолжува.

„Владата на Заев, во Вторник најави ново задолжување за 60 милиони евра, каде долгот на граѓаните ќе се искачи на 280 милиони евра. Ваквото забрзано задолжување предизвикува сомнеж кај граѓаните дека СДС ќе троши пари за поткуп на гласови и корумпирани избори. Се повикуваат надлежните институции и ДИК како дел од изборниот процес, да внимаваат и да не дозволат СДС да поткупи гласови“, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека ваквото сценарио, во кое Македонија се турка кон банкрот, граѓаните ќе ја казнат. На 15-ти октомври ќе кажат „НЕ“ за СДС, „НЕ“ за Заев.