Со концерт на Драган Даутовски завршија чествувањата на Св. Климент во Охрид

Со свечена академија и концерт на Драган Даутовски, синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ завршија годинешните чествувања посветени на Св. Климент Охридски, Патронот на Охрид. Пред присутните се обрати градоначалникот Никола Бакрачески, кој  се осврна  на универзалните и цивилизациски вредности на климентовото дело.

ohrid_nasl

– Божественото дело на Свети Климент Охридски е оној препознатлив и безвременски знак, кој ги исцрта историските контури на духовно и културно воздигнување  на нашиот македонски народ.  Повеќе од 11 века, низ премрежјата на минатото,  преку неговите трајни свети пораки, зрачи неговото слово,  го осветлува нашиот пат и не води кон иднината. Преку Свети Климент ние се поврзавме со Бога, со Свети Климент ја пославме патеката кон духовната надградба, со неговото дело се вклучивме во културното градење на Европа. Овој вон временски великан, светител и просветител ни го подари писмото како основен белег на нашиот идентитет, а на Европа  и ја подари суштината и вредноста на Светиклиментова школа на хуманизмот. Неговото дело е нераскинливо  врзано со Европа и  претставува  драгоцен придонес во  светската цивилизациска традиција, рече тој.

ohrid_akad_2

Тој потенцираше дека универзална вредност на Св. Климент , денес не чини уште повеќе исправени и горди чествувајќи го неговото име и дело како  прв словенски архиепископ, втемелувач на Охридската архиепископија, основач на првиот сесловенски универзитет за кого велат дека е постар од Болоњскиот  просветител и книжевник  кој со своето дело заедно со неговиот духовен брат Св. Наум, Охрид го претворија во центар на ширењето на божјото слово и словенската писменост и култура.

– Затоа свети Климент Охридски не ни припаѓа само нам, туку му припаѓа на светот и богатата универзална ризница во која белези оставале  сите цивилизации, истакна Бакрачески и укажа на фактот дека секоја генерација е побогата и помоќна од претходната затоа што од неа како наследство ги презема добрите дела по кои останува запаметена.

Во рамки на свечената  академија беа доделени и  највисоките општински признанија, Светиклиментовата награда  и повелба на годинешните  добитници,  уметникот Јордан Манасиевски  и постхумно  на семејството  од  фолклористот  Слободан Крлески. Пред присутните  се обрати и годинешниот  добитник на Климентовата награда , уметникот Манасиевски кој истакна дека Охрид и понатаму ќе биде негова главна инспирација за творење каде и да биде на овој Свет.

ohrid_akad_3

– На ова место можеше да биде и некој друг вечерва. Охрид има многу творци во сите сфери на живеењето кои заслужуваат да го добијат ова највисоко општинско признание. Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на мојот пријател и сопатник Љупчо Жупан кој несебично допринесе да го претставам моето творештво низ светот како и на сите кои помогнаа кон животниот предизвик да подарам дел од убавината, светлината и љубовта на светиот град. Со верба во Свети Климент и со верба во љубовта кон човекот ви се заблагодарувам за наградата и посакувам секој да ја почуствува оваа радост во душата, рече Манасиевски.

Манифестацијата  беше  збогатена  со културно –  уметнички перформанси а на задоволство на присутните  академијата  беше  заокружена   со концерт на легендарниот Драган Даутовски.

Свеченостите посветени на Св. Климент- Охридски, Патронот на Охрид, годинава траеја пет дена  во   кои  беше реализирана богата културно – уметничка програма.