Со лажен извештај овозможиле да заработи 49 милиони евра

Кичевската полиција поднесе кривична пријава против З.Д.(52) и Д.Р.(59) двајцата од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело злоупотреба на службена положба и овластување.

Пријавените во текот на 2010 година, како надзорни градежни инженери при градба на објект Котловница со резервоари за течно гориво и резервоари за течен нафтен гас во Кичево, изготвиле завршен извештај за извршен технички преглед на објектот со кој потврдуваат дека резервоарите за течно гориво 6 x 50 кубни метри се меѓусебно поврзани, а извршените земјено градежни и електро монтерски работи на објектот се изведени според одобрение од општина Кичево.

Пријавените предложиле објектот да се пушти во употреба иако знаеле дека градбата не ги исполнува минималните технички услови и не биле во функционална состојба што подоцна било констатирано од работната група од Регулаторната Комисија за енергетика на Република Македонија.

На тој начин, пријавените  му овозможиле на правното лице ДПТУ,,С-ИГОР-ДООЕЛ“ извоз-увоз Кичево кое е корисник на објектот Котловница да се стекне со лиценца за вршење енергетска дејност и со тоа, во периодот од  добивање до одземањето на лиценцата односно од 28 март 2011 до 2 октомври 2014 година да ја извршува дејноста стекнувајќи се со бруто приходи во вкупен износ од 3.003.733.531 денари.