Со „Медена ноќ“ ќе се отвори Скопскиот филмски фестивал

Со светската премиера на филмот „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков, на 17 април ќе биде отворен 18-тиот Скопски филмски фестивал, кој во осум фестивалски денови на публиката ќе и понуди над 60 филмови од најновата продукција на светската, европската и македонската кинематографија.

И годинава фестивалската селекција на филмови е поделена во неколку програми. Покрај главната, ќе ги има и програмите на светски филм, авторски филм, документарен филм, кратки филмови и програмата на аниминирани филмови. Новина на годинашното издание на СФФ е програмата на хорор филмови „Повеќе од хорор“, во која ќе бидат прикажани четири филма.

Како што информира СФФ, годинава ќе биде прикажан победникот на последниот Берлински филмски фестивал, филмот „Такси“ на славниот ирански режисер Џафар Панахи, како и добитникот на Оскар за најдобар документарен филм за 2014 година, „Граѓанинот четири“. Фестивалската публика ќе има можност да го види и филмот „Забранета соба“ (2015) на режисерот Гај Мадин, кој претставува фасцинантен филмски експеримент.

– Младата македонска актерска ѕвезда Наташа Петровиќ ќе ја видиме во една од улогите во премиерата на германско-австралиската копродукција „Еликсир“, во режија на Броди Хигс. Во програмата Aвторски филм го прикажуваме најновото остварување на Франсоа Озон, миленикот на фестивалската публика „Новата пријателка“, соопшти СФФ кој, покрај филмови, ќе понуди и неколку работилници и мастер класи, а ќе има и специјални гости.

СФФ (www.skopjefilmfestival.com.mk) ќе се одржува до 24 април во киното „Милениум“ и и во Кинотеката на Македонија.