Со мерките за вработување ќе се стимулира бизнис заедницата за нови работни места

Со активните мерки и програми за вработување и новите мерки и бенефиции кои наскоро ќе стапат на сила се запознаа и приватните компании членки на Сојузот на стопански комори, во рамки на Форумот за работодавачи што се одржа денеска во Скопје.

На Форумот за работодавачи на тема „Со подобри политики на поддршка до повеќе вработувања во бизнис секторот“ свое обраќање имаа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, претседателот на ССК Данела Арсовска и директорот на Агенцијата за вработување на Р.Македонија Влатко Поповски.

Министерот Спасов истакна дека заедно со АВРМ досега организирале 15 вакви форуми за работодавачи, а најави дека такви форуми ќе се одржат и во повеќе општини низ Македонија со цел да ги презентираат поволностите од мерките за вработувања.

-Во самиот оперативен план за активни мерки и политики за вработување за 2015 година предвиден е износ од 660 милиони денари од кои најголемиот дел од овие средства ќе одат како субвенција кај приватните компании со цел да се мотивираат, стимулираат и субвенционираат за да отворат нови работни места, истакна Спасов.

Тој посочи дека во функција останува мерката за млади, односно секоја приватна компанија која што ќе вработи младо лице до 29 години, 12 месеци да биде ослободено од плаќање на придонеси, мерка која што е во функција една година и дава значителни резултати.

Додаде дека со оваа мерка во изминатиов период се постигнати над 7.500 вработувања.

Спасов најави и нови мерки за компаниите како ослободување за плаќање на продонеси за повеќе години кои ќе стапат во сила наскоро.

-Како на пример за лицата до 35 години ослободување од плаќање придонеси за три години со обврска за приватните компании да ги задржат на работа уште една година. За повозрасните граѓани и за ранливите категории кои ќе бидат вработени ќе следува ослободување за компаниите кои ќе ги вработат дури 5 па и повеќе години, рече Спасов.

Претседателката на ССК Арсовска истакна дека мерките за вработување на млади лица и најавените нови сет мерки кои ќе стапат на сила, субвенционирањето на директни вработувања во компнаниите и обуките за невработените се добредојдени за компаниите кои имаат план за проширување на својата дејност и имаат потреба од нови вработувања.

-Верувам дека мерките ќе ги мотивираат работодавачите да го зголемат капацитетот на човечки ресурси во нивните компании, да се квалификуваат и да придонесат во развојот на комапниите, истакна Арсовска.

Додаде дека целиот сет на мерки со кои ќе се реализираат нови вработувања, се позитивни бидејќи имаат за цел креирање на нови работни места и намалување на невработеноста од една страна, а од сруга страна ќе значат олеснување на давачките за компаниите.