Со набавка на апарати преку реагенси заштеди и побрзи услуги

Со новиот лабораториски  биохемиски анализатор  на Универзитетската клиника за детски болести досега се направени околу 90.000 анализи, што, според министерот за здравство Никола Тодоров, говори за високото  ниво на искористеност.

Новиот апарат е со капацитет од 800 анализи на час, а на детската клиника се прават по 1.200 такви анализи дневно. Обезбеден е преку тендерот на Министерството за здравство за набавка на апарати преку  реагенси. Со таквите набавки, најави денеска Тодоров, ќе се продолжи затоа што се постигнуваат заштеди за клиниките и болниците и истовремено се добива опрема од најнова генерација со побрзи и поквалитетни услуги за пациентите.

– Првпат во Македонија се овозможи да се натпреваруваат понудувачите кој ќе даде пониска цена на реагенс, а тој што ќе го добие тендерот да има обврска да достави бесплатно апарати и да се грижи постојано  за нивно одржување, односно Клиниката  или болницата каде е да нема таква обврска. Ова особено ни правеше главоболка во минатото затоа што од одржувањето на овие апарати а особено замената на резервни делови е прилично скапа работа, изјави Тодоров при посетата на Детската клиника  каде што со такви набавки на годишно ниво е постигната заштеда од околу два милиони денари.

Министерот за здравство истакна дека е добиен апарат од најнова генерација, првпат произведен како технологија во 2012 година и оти овозможува многу  побрзи и поточни резултати.  – Очекувам дека овој начин на набавки ќе го продолжиме и во наредниот период и ќе овозможиме набавка на вакви  апарати за скоро сите здравствени установи во државата. На овој тендер беа набавени вакви апарати за осум здравствени установи во државата, рече Тодоров.

Според директорката на Детската клиника Аспазија Софијанова, новиот биохемиски анализатор овозможува побрзо добивање резултати за децата, што е значајно за нивниот третман и лекувањето.

– Дневниот обрт на клиниката  во однос на минатата година е зголемен за 30 проценти. Тоа укажува дека со овој хемиски анализатор сме ги зголемиле  не само капацитетот, туку и квалитот  и брзината на  времето на добивање резултати, кои се особено важни за децата, а тоа се електролитниот  статус кој го добиваме за четири до пет минути, гликемијата за четири-пет минути и цеерпето за осум до  девет минути, што  претходно траеше 12 до 18 минути, изјави Софијанова дополнувајќи дека брзината за добивање на  биохемиските резултати е параметар по кој се одредува терапијата и третманот на децата.

Во овој период, како што информира Софијанова, на Детската клиника се евидентирани зголемен број деца со вирози, бактериски инфекции… Само ноќеска  дежурната служба прегледала 100 деца. По отворањето на новиот објект на  Институтот за белодробни болести се очекува  намалување на бројот на пациентите на Детската клиника и опслужување  во просек на 20 до 30.

МИА