Македонија

Со новиот Закон за домување ќе се продолжи рокот за откуп на општествени станови

Со новиот Закон за домување ќе се продолжи рокот за откуп на општествени станови

На дневниот ред на 25-тата седница на Собранието на Република Македонија закажана за 15 декември 2014 година ќе се разгледува предлог законот за изменување и дополнување на Законот за домување. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека се работи за позитивни законски измени и дополнувања, кои имаат за цел заокружување на процесот на откуп на станови во општествена сопственост.

Една од измените и дополнувањата кои се предвидуваат со овој предлог закон се одредбите со кои се утврдува нов рок за поднесување на барања за откуп на стан, односно барања за пренос на право на користење на стан во општествена сопственост.

„Рокот кој досега важеше за поднесување на барања за откуп на стан во општествена сопственост беше до 31.12.2010 година, и до овој рок многу граѓани ја искористија оваа можност и ги откупија или започнаа постапки за откупување на становите во општествена сопственост. Од друга страна, со новите измени и дополнувања на Законот за домување сите оние граѓани кои не успеале до 31 декември 2010 година да поднесат барање за откуп на стан во општествена сопственост, им се дава можност преку продолжување на рокот до 31 март 2015 година да поднесат барање за откуп на станот односно барање за пренос на правото на користење на стан до органот надлежен за вршење на работите од станбено-комуналната област. Дополнително, со измените на Законот за домување се предвидува и се дава можност на оние лица кои не ги исполнуваат условите пропишани согласно овој закон, за откуп на стан односно пренос на право на користење на стан по општествени услови да можат да го користат станот под закуп. Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сигурни сме дека со продолжување на рокот за откуп на стан во општествена сопственост, ќе се овозможи многу граѓани да го решат станбеното прашање и да стекнат свој личен имот“, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуровска.