Со новите дестинации и евтините авиобилети зголемен интересот за летање

Бројот на превезените патници во авиосообраќајот во 2015. година е зголемен за 22 отсто во однос на претходната година.

Изминатата година над 1.560.000 патници ги користеле услугите на македонските аеродроми. За 11 проценти, пак, е зголемен и бројот на воздухопловни операции, пишува Лидер.

Новите дестинации и евтините авиобилети го вратија интересот за летање, што се гледа и од статистиката. Ако порано македонските аеродроми оперираа со бројка на превезени патници од околу 600 илјади, сега сликата е комплетно променета. Во 2013-та за првпат е натфрлен милионот и оттогаш има постојат раст, па оттука и се и очекувањата дека во претстојните години ќе се надмине бројката од 2 милиона.

Македонските граѓани сега полесно се поврзани со европските метрополи. Се зголемува бројот на дестинации до кои може да се стаса од земјава. На редот на летање се ставени: Барселона, Базел, Белград, Брисел, Келн, Дортмунд, Дубаи, Дизелдорф, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихшафен, Женева, Гетеборг, Хамбург, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Рим, Стокхолм, Венеција, Виена, Загреб, Цирих, Сплит. Од мај годинава, повторно ќе биде воспоставен и директниот лет Скопје- Прага.

Со новите линии од скопскиот аеродром ќе се оперира до вкупно 34 дестинации

Како што пишува Лидер, ако во 2005-та година се летало само кон 15 дестинации, годинава ќе се оперира кон 34. Споредено со пред 10 години, бројот на патници е тројно зголемен, од 500 илјади на 1,5 милион.

„Работите одат во добар правец и не е случајно што минатата година се превезени најголем број патници од македонските аеродроми, над 1,5 милион патници, што претставува историски рекорд за Република Македонија. За тоа придонесе и бројот на летови и бројот на туристи, но и ниските цени на летовите коишто ги обезбедивме со нискобуџетните авиокомпании“, вели претседателот на владејачката партија, Никола Груевски.

„Нашата упорност резултираше со нови 20-ина линии до европските дестинации со многу поволни цени и достапност на билетите. Од напролет, освен кон Прага, ќе бидат воведени уште три нови линии“, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мiсајловски.

Од јуни, македонската метропола воздушно ќе се поврзе и со Братислава, Копенхаген и Берлин. Со новите линии, надлежните очекуваат зголемување на приливот на туристи, продлабочување на бизнис конекциите, но и раст на карго превозот, пишува Лидер.

„Авиолинијата Скопје- Прага беше успешна и по тоа што претставуваше еден транзитен центар помеѓу Скопје и многу други европски градови, вклучувајќи ја и Русија. Очекуваме да се зголеми и карго сообраќајот“, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

1rast-aviosoobrakaj

Најфрекфентна дестинација- Истанбул

Статистиката на ТАВ Македонија покажува дека најфрекфентни дестинации се Истанбул, Цирих, Виена, Малме, Базел и Лондон. Сè повеќе се зголемува интересот и за новите дестинации од Скопје како Женева, Фридрихшафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нирнбег, како и две од Охрид- до Лондон и до Базел.

„Меѓу првите дестинации се Истанбул, Малме, Базел, Цирих, исто така многу атрактивна дестинација е Барселона, пред сè како резултат на евтините билети. Многу користена е и интерконтиненталната линија кон Дубаи“, вели првиот човек на ТАВ Македонија.

Најголем удел во превозот на патници има унгарската „Виз ер“, па следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Пегасус ерлајнс“, „Ер Србија“ и „Еделвејс“.

Од унгарската „Виз ер“ велат дека 2015-та била рекордна година. Од скопскиот и од охридскиот аеродром имаат вкупно 25 рути кон 23 дестинации. Лани со овој авиопревозник биле превезени 794.946 патници, што претставува раст од 37 проценти во однос на претходната година.