Со новите мерки за вработување, Владата потикнува зголемување на вработеноста

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов , е обрати на работилницата „Социјално претприемништво, можности и предизвици„ во рамки на Проектот Техничка поддршка на граѓанските организации –ТАКСО, финансиран од Европската Унија.

„Владата на Република Македонија преку Министерството за труд и социјална политика води стратешка политика на зголемени можности за вработување на разни категории на лица кои потешко се пробиваат на пазарот на труд од објективни причини, гради основа за можности на зголемена понуда на нови работни места, намалување на сиромаштијата и јакнење на социјалната инклузија. Преку реформите во сите области значително се влијаеше на намалување на невработеноста во Република Македонија од 38 на 28,7 отсто“, рече Спасов.

Тој потсети на мерките кои изминатиот период беа понудени, а кои се базираат  на постојните програми за  вработување содржани во годишните оперативни планови за активни програми и мерки за вработување, но и на новите системски мерки преточени во законски решенија коишто ќе бидат континуирана помош и поддршка како на ранливите категории на граѓани кои се невработени така за приватните компании кои ќе ги вработат овие лица.

“Во периодот од 2007 до 2013 година преку Активните програми и мерки за вработување опфатени се 54.958 невработени лица и се постигнати 30.524 вработувања.  Во функција на успешно спроведување на политиките и програмите за вработување донесен е Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2014 година кој вклучува програми и мерки со цел активација на пазарот на трудот и креирање на работни места преку стимулирање на побарувачката на пазарот на трудот, усогласување на понудата и побарувачката на работна сила, подобрување на понудата на работната сила, како и намалување на сивата економија. Во самиот оперативен план преку програмите за самовработување, субвенционирано вработување, практиканство, обука кај познат работодавач, обука за побарувани вештини на пазарот на труд, прва шанса, и други  само оваа година ќе се опфатат на 4000 невработени лица, а посебно приоритетно место имаат ранливите категории на граѓани, долгорочно невработените лица, децата без родители,  жртвите на семејно насилство, младите лица”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во своето обраќање на работилницата и посебен акцент стави на мерката за Субвенционирање на работодавачите за вработување на невработени лица корисници на социјална парична помош.

Во насока на стимулирање на работодавачите од приватен сектор да вработуваат невработени лица, корисници на социјална парична помош, државата обезбедува субвенција во висина од 80 отсто од висината на социјалната парична помош.

„За вработените лица по овој основ, се гарантира исплата на минимална плата за период од 24 месеци со обврска работодавачот да го задржи на работа уште дополнителни 24 месеци. Во интерес на бизнис секторот, и на младите невработени лица до 29 години, понудивме втора мерка  со која за работодавачите се обезбедува големо олеснување и поддршка. Вработувањето  млади лица до 29 години  во приватниот сектор, државата им ги намалува трошоците на работодавачите за ангажирање на работен кадар односно ги ослободува од трошоци кои можат да ги задржат и да ги употребат во друга функција за развој на бизнисот”, појасни Спасов.

Тој потсети дека работодавачите од приватниот сектор коишто ќе вработат невработени лица до 29 години возраст со полно работно време, ќе бидат ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа: придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување и придонес за осигурување во случај на невработеност и дека оваа мерка беше прифатена и подржана од стопанските комори и бизнис заедницата во Република Македонија.

Во напредна фаза е изготвување на предлог ново законско решение за вработување на лица со инвалидитет, слично на повеќето вакви закони во најразвиенте европски држави.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов заклучи дека улогата на државата во функционирањето и развојот на социјалното претприемништво е многу важна и дека во Република Македонија постојат услови и можности за оформување на социјално претприемништво како модел за постигнување на социјалната инклузија и за вработување на одредени социјални групи, но и за поттикнување на иновации за да се постигне целосна еднаквост на лица или групи на лица кои имаат значително неповолна положба во однос на другите граѓани.

„Може да се заклучи дека социјалното претприемништво во Република Македонија може да функционира како концепт кој ги обединува желбите за решавање на социјалните проблеми. Во секој случај, социјалното претприемништво е  значаен чекор во развојот на хумано и толерантно општество и за поквалитетни социо-економски односи. Со партнерски сооднос на јавниот, приватниот и невладиниот сектор може да се постигне усогласено дејствување за развој на социјалното претприемништво. Министерството за труд и социјална политика интензивно работи  на потребата од нормирање на областа на социјалното претприемништво, споредувајки ги искуствата кои ќе бидат преточени во законско решение”, заврши Спасов во своето обраќање.