Со новите законски измени ќе се забрза постапката за јавни набавки

Здружението на правници на Република Македонија очекува најновите измени на Законот за јавни набавки што почнаа да се применуваат од 28 мај, а беа објавени во Службен весник на 13 мај, да придонесат за забрзување на постапката за јавни набавки, пренесува МИА.

Токму давање насоки за примена на последната измена на Законот за јавни набавки за надминување на проблемите во практиката поврзани со добивањето на согласност од Советот за јавни набавки е целта на денешното советување организирано од Здружението на правници на Република Македонија.

– Здружението во континуитет ја следи оваа материја, дава заклучни согледувања и свои предлози како проблемите коишто ги детектираме во практиката да се надминанат со конкретни решенија во законот. Има реална основа проблемите кои беа камен на сопнување во постапката за јавни набавки токму со оваа измена да бидат надминати во сегментот на добивањето согласности од страна на Советот, изјави Даница Миладинова, извршен директор на Здружението на правници пред почетокот на советувањето.

Таа прецизира дека досега проблем во практиката беше фактот што за иста јавна набавка  се случуваше да се адресираат дури седум барања до Советот и повторно да не се добие согласност, бидејќи, како што рече, не се ангажира постојано истите стручни лица.

– Проблемот се надминува со оваа измена зашто максимум во три наврати ќе може да се адресира барање до Советот. Во два наврати може да се добие негативно решение, а веќе за третото обраќање мора да се добие позитивно решение. Ова е основниот проблем со кој се соочуваа договорните органи и тоа имплицираше бавно донесување, односно не давање на согласности од Советот што имплицираше забавување на постапките за јавни набавки. Сега има реални индикатори за забрзување на постапката, но сепак нема да се забрза до стадиум како пред постоењето на Советот, рече Миладинова.

Функционирањето на Советот, нагласи, останува исто се менува само сегментот на добивањето согласност врз основа на прибавени мислења од стручните лица.

–  Иако е премногу рано да се каже, верувам дека со оваа измена има реална основа да се очекува дека проблемот во практиката ќе биде надминат во сегментот  на добивањето согласности од Советот, рече Миладинова.

Советот за јавни набавки функционира веќе една година во рами на Бирото за јавни набавки и има широк дијапазон на ингеренции кои ги надминува закрилата на бирото. Советот нема ингеренции да казнува, туку дава согласности дали се запазени правните процедури во однос на постапките за јавни набавки.