Со обука до подобро инклузивно образование во „Срничка“

Неодамна градинката „Срничка“ во општина Аеродром започна со спроведување на обуки со воспитно-згрижувачкиот кадар на тема „Инклузија во раното детство, предизвици и перспективи“.

Целта на овие обуки е да се подигне нивото на компетенции за работа со деца со потешкотии во раниот детски развој.

Обуката ќе се спроведе во три едукативни модули преку кои учесниците ќе се стекнат со вештини и знаења за неформалните процедури за проценка на напредокот на децата, стратегии за олеснување на прифаќањето од врсниците, сервисите за поддршка на инклузивниот процес, организација на амбиентот  во занималната, како и изготвување флексибилни индивидуални планови за поддршка на раното учење на сите деца.

За време на првиот модул учесниците го проширија своето разбирање за инклузијата како процес кој овозможува сите деца да ги реализираат своите права, без разлика на нивните различни способности.