Со парите на Богов не може да се плати паркинг

Со парите потпишани од гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, не може да се плати паркинг во катните гаражи на АД за стопанисување со станбен и деловен простор. Во катните гаражи “Разловечко востание” и “Солунски конгрес”, автоматите за наплата ги примаат само книжните пари потпишани од поранешниот гувернер Петар Гошев, пишува весникот „Вест“.

Вработените во гаражата секој ден мораат да им објаснуваат на граѓаните да бараат пари на кои нема потпис од Богов, туку од Гошев за да можат да платат.

– Автоматот не ми ја примаше стоденарката, па се обратив кај вработените. Тие веднаш ми рекоа: ‘Дај да видиме чиј потпис имаш на парата’. Кога видоа дека е од гувернерот Димитар Богов, ми рекоа да побарам друга стотка од постарата емисија на пари, односно парите потпишани од Петар Гошев. На парите на Богов рампата не се кревала, вели скопјанец, кој вчера се паркираше во катната гаража “Разловечко востание”.

Од АД за Стопанисување со станбен и деловен простор велат дека се запознати со овој проблем и се работи на отстранување.

– Проблемот е што кога се скенирале парите за да може софтверот да ги препознава за наплата, за примерок била земена пара од постарата емисија. Сега системот не ги препознава парите од новата емисија, па затоа не може да се плати со нив. Информирана е фирмата која се грижи за софтверот и во наредниот период проблемот ќе биде решен. Граѓаните кои не може автоматски да платат, може да го сторат тоа на шалтерот кај нашите вработени, за што ќе добијат потврда и фискална сметка”, вели Цветко Грозданов, директор на АД за Стопанисување со станбен и деловен простор.

Парите со потпис на гувернерот Богов, кои автоматот не ги препознава, се од 2013 година.

ФОТО: Вест

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.