Со пиштол и’ се заканувал на мајката дека ќе ја убие

Дваесет и едно годишниот Ж.В. од Скопје заработи триесетдневен притвор поради основано сомневање дека на 04 и 05.11.2014 гoдина сторил две кривични дела проследени со насилство – „предизвикување на општа опасност“ и „загрозување на сигурноста“ и две кривични дела од областа на недозволената трговија „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Инаку на кривично правните настани претходел подолг период на девијантно однесување  на пријавениот уште како малолетник. Во периодот од 2009 до 2014 година му се поднесени пет прекршочни пријави од Законот за оружје  и две прекршочни пријави за нарушување на јавниот ред и мир.

Неговото девијантно, пред се насилничко однесување, најчесто било насочено кон мајка му со која живеел, а кулминирало на 4-ти ноември околу 21 часот, во неговиот семеен дом, кога пријавениот без никаков повод и причина, од пиштол кој го поседувал и носел без одобрение, испукал еден проектил во вратата од дневната соба, каде седел заедно со мајка му и неговата девојка.

Мајката исплашена од тоа што се случило, но и сакајќи да го заштити синот, случајот не го пријавила во полиција, а со него се договорила наредниот ден да одат во Клиничкиот центар, каде од страна на психијатар ќе му биде пружена стручна медицинска помош.

Наредниот ден, како што предтходно се договориле, Ж.В. и мајка му, околу 08:00 часот заминале во Клинички центар и кога пристигнале пред Клиниката за психијатрија, тој извадил пиштол, кој го вперил кон мајка му заканувајќи и` се дека ќе ја убие, по што се дал во бегство. Мајката го пријавила случајот во полициска станица и набрзо потоа лицето од страна на полициски службеници на ПСОН „Центар“ е пронајден и лишен од слобода, а при личниот преглед во појасот му се пронајдени два пиштоли непозната марка.

Со соодветна наредба извршен е претрес во домот и другите простории на Ж.В. при што се пронајдени еден пиштол „Чешка Зброевка“ кал. 7, 65 со рамка во која имало четири куршуми,  два зипери со наркотична дрога марихуана, еден куршум од малокалибарска пушка, еден испукан проектил, четири куршуми пиштолска муниција и една опруга од огнено оружје-пиштол.

Од страна на Судија за претходна постапка на пријавениот му е изречена мерка притвор во траење 30 дена.