Со подгревање на спанаќот се ослободуваат штетните нитрозоамини

Кога се зборува за здравите прехранбени продукти, спанаќот без сомнение е еден од најздравите, но треба да се води сметка за тоа дека со неговото подгревање се ослободуваат некои штетни супстанции, потсетуваат германските научници.

Спанаќот спаѓа во групата листест зеленчук кој содржи релативно висок процент нитрат, кој го ресорбира од земјата преку коренот.

„Кога спанаќот ќе отстои, а особено доколку станува збор за термички обработен, количеството нитрати се зголемува, а тие во варениот спанаќ со процесот на варењето дури се претвораат во нитрити. Тие се опасни бидејќи во организмот се соединуваат со амините и создаваат високо канцерогени материи кои ги нарекуваме нитрозоамини“, појаснува нутриционистката и научничка Дагмар фон Крам.

„Доколку само накусо го подгревате спанаќот непосредно пред консумирањето, не мора да се грижите“, вели фон Крам, предупредувајќи дека тоа не се однесува на сосема малите деца, кај коишто во најекстремните случаи последиците може да доведат до гушење.

„Остатоците од сварениот спанаќ не смее да се чуваат на собна температура. Веднаш треба да бидат ставени во ладилник. Непосредно пред консумирањето само накусо подгрејте ги. Всушност, најдобро е да подготвите само онолку спанаќ колку што може да се изеде за еден оброк“, дадава.

Спанаќот може да се јаде и сиров, како салата. Богат е со витамините А, Ц и бета-каротин, како и со фолна киселина.

Овој зеленчук долго време се сметаше за најдобриот извор на минералите на железото, што не е точно бидејќи во него го нема во големи количества. Покрај тоа, тој вид железо, кој уште се нарекува нехеминско железо (за разлика од хеминското железо кое го има во хемоглобонот), е форма којашто слабо и бавно се апсорбира од цревата. Значи, не би требало да се очекува поголема полза во лекувањето на анемијата.