Со поголема финансиска едукација до поефикасно управување со парите

Македонија денеска го означи почетокот во одбележувањето на Глобалната недела на парите, што има голема симболика за унапредување на финансиската едукација, посебно на помладите генерации.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, нагласи дека секој човек во различна возраст од неговиот живот се соочува со прашањето на финансиски средства, управување со нив и најефикаснот начин на користење на парите, како и со финансиските проблеми.

„Одредени истражувања покажуваат дека речиси половина од луѓето во некоја фаза имаат финансиски проблеми и за истите не често се обраќаат до оние кои што знаат да го решат тој проблем, а тоа се финансиските експерти, туку повеќе го разговараме меѓу себе со колегите на работа, со семејството и слично“, рече Ставрески.

Затоа е потребно, нагласи тој, во тој дел да се зголеми финансиската едукација за сите генерации, почнувајќи од децата во основното, средно и високото образование.

Нема фаза од животот, смета Ставрески, во која што финансиските прашања не се значајни, и во кои што надградбата на човекот за тоа како најефикасно да се управува со парите, не е значајна.

„Ретко кој пристапува кон изработка на буџет за сопствените средства. Неретко луѓето тоа го прават во сопствената глава, но не го ставаат на хартија како што тоа го прави државата за да се знае колкави се приходите, а колку серасходите…Тоа е она на што ние сакаме да работиме како институции кои што се надлежни за финансискиот сектор во Македонија“, рече Ставрески.

Управувањето со парите, според него, е иста обврска како и управувањето со сопственото здравје или било која друга крупна одлука во животот.

Според гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, ваквите настани се организираат во голем број земји од Европа, но и ширум светот.

„Ова е еден меѓународен настан кој што во овој момент во исто време го спроведуваат над 100 земји со над 500 официјални државни институции кои што се вклучени во одбележување на настанот. Над 17 берзи во светот во моментот исто така имаат ваква слична свеченост на отворање на оваа глобална недела на парите“, рече Богов.

Најдобрите средношколци од економското училиште „Васил Антевски- Дрен“ активно се вклучени во проектот на Берзата, Македонска виртуелна берза, каде што со фиктивен износ ќе можат да тргуваат на Берзата со цел да остварат што е можно попрофитабилно портфолио. Оној ученик, кој за еден месец тргување ќе постигне најдобар резултат ќе добие наградна бесплатна обука во Македонската берза за принципите на пазарите на капитал.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.