Со последиците од политиките на Заев треба да живееме сите ние

Ако се толку сигурни дека договорот е добар, зошто одат на кршење на процедурите во Собранието, запраша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостувањето во емисијата „На патот кон“ на телевизијата Алсат-М во четвртокот вечерта и посочи дека доколку Владата е толку сигурна дека договорот е успешен, ќе имало славење по улиците низ Македонија.

„Зошто луѓето еуфорично не излегуваат на улиците? Зошто мораа да му стават европско знаменце и да биде по скратена постапка? Зошто мораше да се смени матичната комисија во друга комисија?“, праша Мицкоски.

Уште еднаш оцени дека за него Договорот со Грција за промена на името е капитулација.

Мицкоски рече и дека сите граѓани на Република Македонија треба да живеат со последиците од политиките на оваа влада, а особено со последиците од Договорот со Грција за промена на името кое го потпишаа владите на двете држави.

Направи споредба меѓу Договорот со Грција и историските договори на САД со Камбоџа и Северна Кореја, велејќи дека граѓаните на овие две држави ги поддржуваат договорите, но во Македонија не е така. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека ставот на партијата е оти за идентитетските прашања не се преговара.

„Со самото тоа што тие (владата) во овие преговори кажуваат дека успеале да постигнат нешто, а лажат, не е така. Самото тоа вели дека тие преговараат за нешто, за што не треба да се преговара, ниту пак некој им дал да преговараат. Резолуцијата од Обединетите нации точно се однесува на разликите што нашиот јужен сосед ги има со нашето уставно име, со името Република Македонија. Кој му дал право на Заев или на Димитров да преговара за нешто, што е веќе стекнато право?“, праша Мицкоски.

Посочи дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја најави својата оставка доколку пропадне предлогот Илинденска Македонија, но сега не само што не дава оставка, туку „претседател“ го викале во неговиот кабинет. Мицкоски потенцираше дека граѓаните сѐ уште ја очекуваат оставката на Димитров, бидејќи така храбро викал дека е подготвен на тоа, но сега се повлекува и изгледа не е.

„Или, пак, е подготвен да си даде оставка само за да биде промовиран само како претседател на државата. Времето ќе покаже’, вели Мицкоски.

Се осврна и на едена телевизиска изјава на Димитров дека бидејќи немало попис одамна, не се знаело колкав е бројот на гласачите.

„Министерот во една реченица ги уништи сите алибија на СДСМ за изборите во 2016 година и во ист момент ја оспори кредибилноста на локалните избори во 2017 година“, истакна Мицкоски.

Во продолжение лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека партијата е против процедурата за Законот за двојазичност, неговиот квалитет и уставноста. Мицкоски нагласи дека за него приоритет се сите граѓани на Република Македонија, оти неговата борба е за подобар и поквалитен живот, поквалитетно образование, подобар и поквалитен здравствен систем и како и подобра економијата. Смета дека луѓето кои се моментално во Владата на Република Македонија ги политизираат работите и вели дека целатата таа работа е политиканство и на тој начин се обидуваат да креираат димна завеса.

„Ние во ниту една изјава во минатото, ниту моја, ниту на нашата партија, не го негираме правото на албанскиот јазик. Напротив, видете владата на ВМРО-ДПМНЕ што има направено за албанскиот јазик. Ние ја спориме процедурата, го спориме квалитетот на решението и уставноста. Ние сме повикани тоа да го правиме. Во 2011 е регулирана употребата на албанскиот јазик. Во средините каде што има повеќе од 20 отсто Албанци е официјален јазик, и тоа никој не го спори“, рече Мицкоски.

За премиерот Зоран Заев, пак, лидерот на опозицијата оцени дека се занимава со политиканство, наместо преку подобрување на економијата да го подобри квалитетот на животот на граѓаните.

„Политиканството е ова, ‘не знаеме како да ги решиме реалните проблеми на граѓаните’. Едниот сака да се додвори и вика ‘вака ќе направиме’, другиот игра на стратегијата ‘плаши ги Албанците со ВМРО-ДПМНЕ’“, рече Мицкоски.

Според него, со ваквото политиканство може да добијат само 80 до 90 илјади гласови, а за повеќе гласови ќе мораат да понудат нешто повеќе, нешто со што ќе се подобри квалитетот на животот, а тоа според него, може да се направи само преку економските резултати.

„Ајде преку Мерит систем да седнеме сите заедно, ајде да направиме од ова место подобро за живот. Тогаш има решение за сите други политички проблеми. Ама најпрво да направиме среќни граѓани“, порача Мицкоски.

Додаде дека се бори за владеење на правото, подобрување на демократијата и како на граѓаните на Република Македонија, без разлика на етничката припадност, да направи животот да им биде поубав.

Мицкоски, исто така, истакна дека власта на чело со Заев не само што води катастрофална економска политика, туку катастрофална политика се води и во дипломатијата.

„Изминативе шест месеци ние имавме едно калкулантско водење на преговори, егзибиционистичко. Јас знам дека они немаат капацитет да се справат со реалните проблеми на граѓаните од областа на економијата, здравството, образованието и знам дека немаат визија како во иднина да ја водат државата, но исто така со овие преговори они потврдија дека и во дипломатијата водат катастрофална политика и апсолутна катастрофа донесоа за Република Македонија и граѓаните“, рече Мицкоски и повтори дека договорот со Грција е капитулантски.

За ВМРО-ДПМНЕ договорот со Грција е капитулантски, договор кој во многу основи значи прифаќање комплетно на грчките позиции, а во случајов македонската страна апсолутно капитулирала, односно го прифатила ултиматумот од спротивната страна, смета Мицкоски.

Мицкоски посочи дека немало демант од Заев на изјавите на грчкиот премиер Алексис Ципрас дека со Договорот не се признава македонската нација, како и дека досега никој од Владата не ги демантираше изјавите на премиерот и министерот за надворешни работи на Грција дека не постои македонската нација.

„Сега веќе не сме Македонци, туку сме граѓани на Република Северна Македонија и тоа недвосмислено го кажува премиерот на соседната држава, Ципрас, претходно министерот Коѕијас, а јас од наша страна на нивните изјави не слушнав ниту еден демант. Дека тоа што тие го говорат не е точно. Напротив, слушам молк, а молчењето многу пати во минатото подразбирало и одобрување„, рече Мицкоски.

Кажа дека не е точен аргументот на Владата на Република Македонија и на премиерот Зоран Заев дека се сочувани националниот идентитет на Македонците и јазикот.

„Не е точен аргументот дека сочувани се националниот идентитет на Македонците и сочуван е јазикот бидејќи тоа се стекнати права. Можете да забележите и дискусија на експертската јавност на Македонија. Апсолутно, не може тоа некој да го прикажува преку една димна завеса во јавноста дека тоа е некаква придобивка за македонскиот народ или Македонците. Едноставно е, ние не само што не ги задржавме тие стекнати права, туку и ги изгубивме“, потенцираше Мицкоски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.