Со превентивни мерки, акциски планови и стандарди ќе се унапредува здравјето на населението

Во Владата вчера се одржа седница на Комитетот за здравје и животна средина со која претседаваше премиерот Никола Груевски.

Имајќи ги предвид основните цели на овој Комитет, како што се унапредување на здравјето на луѓето, дефинирање и преземање на превентивни мерки за спречување на развој на болести, заштита на животната средина од загадување предизвикано од најразлични извори и други теми, на седницата беа разгледани повеќе теми од различни области.

На седницата беа разгледувани проектите, плановите и можностите за изградба, реконструкција и реновирање на системи за јавно водоснабдување, се’ со цел зголемување на пристапот на населението до подобрени објекти за водоснабдување, што во крајна мера ќе овозможи квалитетна и безбедна вода за пиење.

Беше разгледуван и извештајот и препораките за утврдување и имплементација на посебен сообраќаен режим за транзитни возила кои се движат во град Скопје а имаат друга крајна дестинација, во насока на намалување на загаденоста во централното градско подрачје и растеретување на сообраќајот.

Беа разгледувани и анализите за примена на стандарди во постапка за регистрација на возила за контрола на издувните гасови и стандардите кои постојат во другите земји во оваа област.

Соочени со фактот дека малигните заболувања, повредите и фрактурите, високо ризичните бремености, како и цереброваскуларните болести се едни од најчестите причинителни за боледувања и отсуства од работа, што покрај негативните аспекти за здравјето на граѓаните, влијае негативно и на работодавачите, се заклучи дека потребно е интензивно да се работи на зајакнување на превентивните мерки за спречување на развој на ваквиот вид болести, при што беа утврдени посебни насоки за реализација на оваа активност кои ќе бидат разледувани на владина седница.

Користејќи го скринингот како неопходна основа за навремено откривање и успешно спречување или лекување на малигни заболувања Комитетот утврди пореба од донесување на нови акциски планови во кои ќе се содржат со конкретни мерки и рокови за имплементација на програмите и методите за ран скрининг на овие болести.

Комитетот ги разгледуваше и активностите и чекорите кои се веќе преземени во насока на донесување на правилници кои ги третираат областите:  безбедност на водата за пиење, исхрана во предучилишни и училишни установи, водичи за исхрана, развивање на концептот за ресторани со здрава храна и сл.

За сите разгледани точки и заклучоци се поставија конкретни рокови за дефинирање, имплементација и презентација на резултати од преземените чекори и редовно следење на истите, со задолжение за редовно информирање за степенот на реализација и успешност од истите. Заклучоците од Комитетот за здравје и животна средина ќе бидат разгледувани на седница на Владата на Република Македонија.