Со проект „Сензор“ до побезбедни патишта во Македонија

Проектот „Сензор“, кој се реализира во соработка на АМСМ, МВР, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за државни патишта ќе придонесе за поголема безбедност на сите патишта низ државата.

Проектот има за цел утврдување на високоризичните делници нивно категоризирање и изработка на препораки за прецизни инвестиции во безбедносниот сегмент на патиштата.

Генералниот секретар на АМСМ на денешната прес конференција  истакна дека четири дена внимателно со специјално возило ќе се снимаат патиштата по што за околу три месеци треба да биде изготвена мапа на ризици.

„Целта на овој проект е поквалитетна состојба на патиштата, а со овој софтвер ќе бидат измерени 70 атрибути по што ќе се лоцираат на пример несоодветното поставување на банкини одбележувањето на кривини и слично, а потоа ќе бидат изготвени соодветни препораки“, изјави генералниот секретар на АМСМ.

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески целта е да се утврдат црните точки на патиштата односно на целиот коридор 10, патот кон Бугарија, Блаце – Скопје, Гостивар, Охрид, Ресен, Битола и Скопје-Штип. Тој појасни дека ќе се скенираат околу 1100 километри во двата правци, а податоците ќе се достават до министерството и агенцијата за државни патишта со препораки.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска нагласи  дека безбедноста во сообраќајот е комплексна проблематика и денес е глобален предизвик.

„ Безбедноста во сообраќајот зависи од квалитетот на сообраќајната инфраструктура и токму затоа се реализира овој проект. Статистиката покажува дека минатата година на патиштата во земјава се случиле 294 сообраќајни несреќи во кои имало 38 загинати и 488 повредени лица“, посочи Јанкулоска.

Проектот е финансиски поддржан од транснационалната програма за соработка ЈИЕ и ЕУ.