Со проектот Телемедицина – побрза дијагноза и подобрување на третманот во болниците

Во рамки на проектот Телемедицина, имплементиран кон средината на минатата година, докторите од болниците низ државата разменуваат знаење и искуства со нивните колеги од универзитетските клиники, со помош на аудио и видео врски. Комуникацијата меѓу докторите од болниците и нивните колеги од клиниките се воспоставува согласно најсовремените можности на комуникациската технологија, а во зависност од случаите, комуникацијата може да се одвива во присуство, или без присуство на пациентот. Целта е докторите од болниците за
покомплексните и поспецифичните случаи да се консултираат со докторите од клиниките, без притоа да го упатуваат пациентот до друга здравствена установа.

Во изминатиот период се реализирани вкупно 1055 телемедицински консултации. Со проектот се опфатени повеќе јавни здравствени установи од секундарно ниво на здравствена заштита, меѓу кои: Клиничка болница Битола, Клиничка болница Тетово, Клиничка болница Штип, Општа болница Велес и Општа болница Струмица.

Меѓу установите со најголем број воспоставени телемедицински врски со доктори од универзитетските клиники се: Клиничката болница во Битола – 448 телемедицински консултации и Клиничката болница во Тетово со 348 консултации.

Вообичаено, докторите од општите и клиничките болници се консултираат со своите колеги од универзитетските клиники во врска со воспоставување брза дијагноза кај одредени пациенти, околу промена на третманот на пациентот доколку нема подобрување на здравствената состојба, или околу препорака за извршување хируршка интервенција.

Имплементацијата на овој проект овозможи поефикасна соработка, унапредување на квалитетот на грижата и третманот на пациентите, а воедно се намали и непотребното упатување на пациентите за одредена здравствена услуга до Скопје, што значи и заштеда на финансиски средства и време.